вторник, октомври 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Изложбата „Револуција во кадар“ откри ретки и досега необјавени фотографии од македонското...

Изложбата „Револуција во кадар“ откри ретки и досега необјавени фотографии од македонското револуционерно минато (фотогалерија)

236

Шеесет оригинални историски фотографии, од кои значителен дел досега не биле претставени пред јавноста, од вечерва се изложени во Галеријата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во рамки на изложбата „Револуција во кадар“. Изложбата е посветена на македонското револуционерно минато и претставува избор на оригинални фотографии од приватната колекција на Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски.

Поставката нуди фотографско патување низ четири децении од македонската историја, почнувајќи од основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, па сè до политичките и општествените случувања во меѓувоениот период, заклучно со 1934 година.

-Фотографиите од изложбата на авторите Ратајкоски и Апостолоски раскажуваат една историска приказна и, преку окото на објективот, на публиката и претставуваат и непосредно и ја доближуваат македонската исорија, поврзана со борбите за ослободување на Македонија од различните власти. Особено значајно за поставката е тоа што  таа не ја следи идеолошката ориентација на македонските револуционери. Оттука, на едно место, едни до други се поставени десничари и централисти, врховисти и анархисти, социјалисти и комунисти. Доказ за тоа е и групната фотографија на која, речиси еден до друг, стојат Тодор Александров, изразит десничар и антикомунист и Панко Брашнаров, левичар по идеологија и член на ВМРО (Обединета). Со ваквиот пристап авторите непосредно му ги доближуваат на посетителот различните личности од македонското револуционерно движење – нагласи вечерва историчарот Никола Жежов.

Авторот Диме Ратајкоски рече дека сакале да направат еден репрезентативен пресек на личности, настани  и историски околности од илинденскиот и постилинденскиот период.

-Вредноста на фотографиите покрај тоа што произлегува од  нивната реткост, д и во тоа што тие претставуваат првостепени висуелни извори кои можат да отворат нови истражувачки прашања, да надополнат биографии на одредени личности и лоцирање на одредени настани, но и да потврдат, коригираат или во одредени случаи д аоспорат досегашни толкувања во историографија – нагласи Ратајкоски.

Изложбата е организирана во три тематски целини што ги опфаќаат периодите пред и по Илинденското востание, времето на Балканските војни и Првата светска војна, како и меѓувоениот период до 1934 година. (Б.Ѓ.)

Фотогалерија:

Војводите Блаже Биринчето, Милан Матов, Крсте Ресенски и Крсто Дебарски (1908 година)

Војводата Мирко Павлов со комита од својата чета (1903 – 1907 година)

Непознат комита

 

Митрополит Теодосија Гологанов (седи во средина) со свешетници од манастирот „Свети Пантелејмон“, Петар Поп Арсов (стои прв од лево)

Учители од гиманзиите во скопскиот револуционерен округ, Скопје 1901 година. Втор од лево седи Панко Брашнаров, учител во кумановско, а во средина Тодор Александров, учител во кочанско

Мис Стон

Непознат четник на ВМРО пред гробот на Тодор Александров над селото Сугарево, мелничко во 1924 година.

Алеко Василев – пашата со својата чета, Пиринска Македонија околу 1920-1923 година.

Владо Черноземски како четник на ВМРО – 1919 – 1921 година (во вториот ред, втор од десно кон лево)

Димитар Робев, македонски револуционер, 1906 година

ИЗДВОЕНИ