Иако беше најавено дека Законот против пушење ќе стапи во сила на 1 март, тој сè уште не е донесен, а зимата е пред врата. Со затворањето на летните тераси, во кафе-баровите повторно почна да се пуши и во затворените простории. Угостителите со кои контактираше весникот ВЕЧЕР велат дека законот е усогласен со сите засегнати страни и е подготвен, но се чека зелено светло од Собранието. Сепак, дури и ако законот биде донесен утре, неговата примена нема да започне веднаш. Угостителите ќе имаат рок од една година да се приспособат на новите законски одредби, кои предвидуваат ригорозни мерки и казни за непочитување на забраната за пушење.
– И кога ќе се донесе Законот против пушење, ќе има едногодишен грејс-период за приспособување. Угостителите ќе треба да ги преуредат локалите согласно со новите законски решенија. Како и да е, оваа зима ќе се пуши во угостителските објекти. Дури и ако законот биде донесен утре, казнувањето ќе започне една година подоцна. Тоа значи дека, доколку биде донесен во февруари 2027 година, казните ќе почнат да се применуваат во февруари 2028 година, изјави за весникот ВЕЧЕР угостителот Перица Голомеиќ.
Предлог-законот, инаку, претрпи неколку измени во однос на првичната верзија, која беше претставена како значително порестриктивна. Наместо целосна забрана за пушење во угостителските објекти, со новото решение се предвидува можност за посебни тераси на кои ќе биде дозволено пушењето.
Овие тераси ќе мора да бидат отворени од најмалку две страни и да имаат отворен покрив, а за непушачите ќе биде обезбеден посебен влез.
– Новото законско решение беше усогласено со сите засегнати страни и требаше да биде донесено, па не знам зошто се доцни. Процедурата за усогласување со нас, угостителите, е завршена. Притоа, беше договорено да има посебни тераси на кои ќе биде дозволено пушењето, а тие ќе мора да бидат отворени од најмалку две страни и да имаат отворен покрив. Ние излеговме во пресрет, во интерес на здравјето на граѓаните. Делот што се однесува на угостителите е завршен, а сега на потег се другите чинители, изјави за весникот ВЕЧЕР угостителот Мартин Ангеловски.
И Ангеловски вели дека имаат период на адаптација од една година, така што неговата примена нема да биде веднаш.
Тој појаснува дека и според постојниот закон, во затворен простор не смее да се пуши, меѓутоа дали и каде се применува тоа е друго прашање.
Никола Талев, познат скопски угостител, вели дека со новиот закон против пушење, сите кафулиња ќе станат непушачки.
– Условот со кој се предвидуваат пушачкиот дел да биде отворен од најмалку две страни и со отворен покрив нема да може да се исполни. Зимно време нема да може да се применува затоа што таков простор не може да се загрее. Така што сите кафулиња ќе станат непушачки, вели Талев.
Дел од граѓаните се против забраната за пушење во кафулињата, бидејќи не сакаат да го пијат утринското кафе без цигара. Други, пак, сметаат дека се потребни построги мерки за да се обезбеди поздрава и побезбедна средина за непушачите. Додека пушачите се против ограничувањата во угостителските објекти, непушачите бараат поголема заштита од изложеноста на чад од цигари во затворени простории.
Предлог-законот, инаку, претрпи неколку измени во однос на првичната верзија, која беше претставена како значително порестриктивна. Со него се предвидува целосна забрана за пушење во затворени простории, на автобуски и железнички станици, како и во возила во кои има деца. Пред одредени институции, пушењето ќе биде дозволено само на растојание од најмалку 20 метри.
Додека се чека завршувањето на собраниската процедура, останува неизвесно кога новите ограничувања ќе почнат да се применуваат и како тие ќе влијаат врз секојдневието на пушачите, непушачите и угостителите.
(А. С.)












