Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно се пожали на доцнењата во испораката на ракети за противвоздушна одбрана од Соединетите Држави, притоа директно посочувајќи го американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет.
„Веќе речиси еден месец го чекам потписот на г. Хегсет во врска со ракетите за системите ’Патриот‘ и ’НАСАМС‘, напиша Зеленски на социјалните мрежи во понеделникот.
Американските системи „Патриот“ се сметаат за особено ефикасни во пресретнувањето на балистичките ракети што Русија ги користи во војната против Украина. Зеленски изјави дека побарал уште еден разговор со американската страна.
Украина соработува со САД, Европа и други партнери кои поседуваат залихи од вакви ракети, истакна Зеленски.
Тој, исто така, најави подготовки за состанок на Контакт-групата за одбрана на Украина, закажан за ноември во американската воздухопловна база Рамштајн во Германија.
Украинскиот министер за одбрана, Јевхен Хмара, претходно изјави дека Украина и нејзините западни сојузници имаат намера да разговараат за дополнителна воена помош на претстојниот состанок во Рамштајн.
Зеленски во неколку наврати се пожали на доцнењата во испораката на ракети-пресретнувачи. Со помош на Западот, Украина се брани од руската инвазија веќе повеќе од четири и пол години.












