Во Музејот на македонската борба, утревечер (27 октомври), 20 часот, во рамките на фестивалот „Златна лира“ ќе се одржи концерт со звуците на кларинетот и пијаното во изведба на Лазар Соколов и Емилија Кабранова Филипова. Тие ќе се претстават со програма од Анри Томази, Роже Бутри, Јана Андреевска, Жил Демерсман, Хектор Вила-Лобос.
Лазар Соколов е кларинетист и саксофонист со континуирана концертна и педагошка дејност во Македонија и регионот. Повеќе од петнаесет години е активно присутен на концертната сцена како солист, солист со симфониски и филхармониски оркестри и член на камерни состави. Оркестарското искуство го стекнува преку Македонската филхармонија, градските оркестри на Скопје и Кавадарци, оркестарот на Музичка младина на Македонија и други ансамбли. Настапува на „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, „Интерфест“, како и на фестивали во Хрватска, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.
Емилија Кабранова Филипова е активна на македонската музичка сцена како солистка, камерен музичар и пијано-соработник. Нејзината работа се одвива во широк спектар на ансамбловски контексти, од класичен камерен репертоар до проекти во кои се вкрстуваат современи, танцови и џезерски влијанија. Концертната дејност ја носи низ Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Албанија и Косово. Настапува на фестивали и манифестации како „Скопско лето“, „Chamber Fest Durrës“ во Драч, Меѓународниот фестивал за класична музика во Врњачка Бања, „Балчик класик дејс“, „Полихимнија“, „Златна лира“, „Битфест“ и „Саксклар“.
Влезот е слободен.












