Сите архиви, кинотеки, филмски музеи и институти во светот, утре (27 октомври), ќе го одбележат Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со активности, промоции и настани со кои фокусот на светската јавност го насочуваат кон значењето и ранливоста на аудиовизуелното наследство.

Како дел од тоа големо семејство на професионалци и институции посветени на заштитата и сочувувањето на филмското културно наследство, и Кинотеката се вклучува со свои активности во одбележувањето на овој значаен ден.

Затоа, утре, со почеток во 12 часот, во кинотечното кино ќе се одржи промоција на блу-реј изданието на македонскиот игран филм „Македонска крвава свадба“ на Трајче Попов од 1967 г., кој, всушност, претставува екранизација на истоимената драма на Војдан Чернодрински од 1900 г.

Филмот беше дигитализиран во 2025 г. како дел од проектот „Сезона на филмски класици“ инициран и координиран од Асоцијацијата на европски кинотеки (АЦЕ) и поддржан од програмата Креативна Европа Медија на Европската Унија. Во оваа пригода, на публиката ќе ѝ се обратат директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски, м-р виш филмолог Александар Трајковски и м-р виш филмолог Дамјана Патчева, како промотори на изданието.

Истиот ден со почеток во 20:00 часот ќе биде прикажан „Тетовирање“, со што ќе се одбележат 35 години од премиерата на филмот и 80 години од раѓањето на актерот Мето Јовановски.

ИЗДВОЕНИ