вторник, август 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Во гостиварските водоводни цевки се води решавачка војна меѓу хлорот и бактеријата...

Во гостиварските водоводни цевки се води решавачка војна меѓу хлорот и бактеријата Pseudomonas aeruginosa

Според експертски објаснувања, опасната бактерија Pseudomonas aeruginosa, едноставно, се крие од хлорот во водоводните цевки, каде што со текот на годините се создава корозија со многу шуплини во кои се крие таа, при што создава колонии. Практично, почнува да се води своевидна војна меѓу хлорот и оваа бактерија до уништување, за што најчесто е потребно време

1
СЕ НАБЛИЖУВА ЛИ КРАЈОТ НА МАКИТЕ НА ГОСТИВАРЦИ?

Справувањето со бактеријата Pseudomonas aeruginosa, поради чие присуство водата од гостиварскиот водовод сè уште не е за употреба, не е ни малку лесно и едноставно поради нејзините карактеристики. Поради нејзиното присуство, водата од градскиот водовод во Гостивар е технички исправна, но сѐ уште не смее да се користи за пиење и за подготовка на храна. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вели дека според последните анализи, во водата за пиење е детектирано присуство на Pseudomonas aeruginosa.

– Овие бактерии ја прават водата микробиолошки неисправна и небезбедна за консумирање, бидејќи се опасни за здравјето, особено за луѓето со ослабен имунитет. Може да предизвикаат инфекции на кожата, очите и на ушите, како и инфекции на уринарниот тракт и на белите дробови кај чувствителните лица. Карактеристично за нив е што покажуваат голема отпорност на голем број вообичаени лекови и антибиотици – изјави завчера Ангелов.

Она што зачудува е фактот што опасната бактерија е и натаму присутна во гостиварскиот водовод и покрај тоа што во изминативе десетина дена постојано во врши постапка за хиперхлорирање на водата. Односно, уништување на опасните тела во водата. Меѓутоа, се покажува дека и по толку време бактеријата Pseudomonas aeruginosa практично е имуна на делувањето на хлорот.

Весникот ВЕЧЕР вчера контактираше неколкумина експерти за контрола на водите од системите за водоснабдување по македонските општини. Тие едногласно наведуваат дека се работи за мошне отпорна бактерија против која и хлорот не секогаш е успешен.

– Бактеријата Pseudomonas aeruginosa, едноставно, се крие од хлорот во водоводните цевки. Познато е дека со текот на годините во цевките се создава корозија со многу шуплини во кои се крие оваа бактерија. Таму создаваат еден вид колонии во кои живеат и се размножуваат. На таков начин, таа останува надвор од досегот на хлорот, кој има задача да ја прочисти водата. Практично, почнува да се води своевидна војна меѓу хлорот и оваа бактерија до уништување. За тоа најчесто е потребно време – објаснуваат овие експерти.

Здравствените власти во земјава во изминативе денови постојано потенцираат дека секојдневно се земаат разни примероци и се испитуваат. Според изјавите на министерот за здравство, Сашо Клековски, потребни се три последователни тестирања што ќе покажат дека е безбедна водата. Во тој случај Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ја повлече забраната за употреба на водата за пиење.

Во стручната литература, за бакетријата Pseudomonas aeruginosa се наведува дека ретко предизвикува болести кај наполно здрави луѓе. Наместо тоа, таа ги напаѓа лицата со ослабен имунитет, хронично болните или пациентите што веќе се наоѓаат на болничко лекување. Според Светската здравствена организација, таа спаѓа меѓу најопасните супербактерии поради големата отпорност на антибиотици. Се шири преку контаминирана вода, медицинска опрема (катетери, респиратори) или преку нечисти раце во болниците. Бактеријата постојано наоѓа нови начини да ги избегне ефектите на стандардните лекови. Затоа за нејзино лекување мора да се користат специфични, силни антибиотици, а терапијата се одредува исклучиво по лабораториски тест (антибиограм) кој покажува на кој лек е чувствителна бактеријата.

Епидемиологот Драган Даниловски нагласува дека микробиолошките наоди мора да се толкуваат внимателно и во поширок контекст. Според него, еден изолиран позитивен микробиолошки наод сам по себе не е доволен за да се донесе конечен епидемиолошки заклучок. Тој додава дека е потребно да се анализираат резултатите од сите точки на водоводниот систем, вклучувајќи ги изворот, резервоарите и периферните делови на мрежата, како и да се споредат со реалната епидемиолошка состојба на терен.

– За правилна епидемиолошка и јавно-здравствена процена, неопходно е да се анализираат повеќе параметри. Треба да се земат предвид локацијата од која е земен примерокот, потврдата на наодот преку повторени лабораториски анализи и времето на земање на примероците во однос на спроведеното хиперхлорирање. Точни епидемиолошки заклучоци може да се донесат само со поврзување на сите овие информации – истакнува Даниловски.

За вчера попладне беше најавена седницата на Главниот штаб за кризи, посветена на состојбата со водата во Гостивар. На седницата беше предвидено присуство на раководителот на Управувачкиот комитет и министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, заедно со претставниците на сите релевантни институции и фактори вклучени во справувањето со кризата предизвикана од состојбата со водата од градскиот водовод во Гостивар. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ