Несовесни граѓани повторно си поиграа со огнот, а најтешко беше погодено Кавадаречко. Тиквешкиот крај се претвори во огнен фронт. Пет жаришта букнаа во исто време, а пламените јазици се ширеа кон селата Раец, Дреново и Ќесендре. Повеќе од 100 луѓе, пожарникари, полицајци и спасувачи, се бореа со огнената стихија. Беа испратени „ер-трактори“ и тешка механизација во битка со пожарот на непристапниот терен. Кавадарци дише со олеснување, но опасноста од нови жаришта сè уште не е целосно помината.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека, вчера, во земјава биле регистрирани 30 пожари на отворено, од кои, како што наведе, најтешки за гаснење биле оние што се на територијата на Општина Кавадарци. Во борбата со огнената стихија биле вклучени три „ер-трактори“ на ДЗС, пожарникари од територијалните противпожарни единици од Кавадарци и Неготино, полициски екипи, доброволни противпожарни друштва од Штип и Неготино, како и комунална механизација. Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, посочи дека пожарот кај Раец, Дреново и Ќесендре бил локализиран по координирана акција на сите екипи на терен. Јанчев на прес-конференцијата рече дека во тој момент нема чад, но екипите продолжија со проверка на теренот за евентуални преостанати жаришта

Државата и ова лето се справува со пожарите што ги подметнуваат несовесни граѓани. Таков е случајот со пожарите што три дена беснеат во Кавадарци од кои, според градоначалникот Митко Јанчев, 90 проценти се подметнати. Јанчев, заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција информираа за состојбата и за справувањето со пламените јазици.

Според Ангелов, вчера во државата биле регистрирани 30 пожари на отвoрено, од кои, како што наведе, најтешки за гаснење биле оние што се на територијата на Општина Кавадарци. Тој наведе дека на почетокот биле вклучени два „ер-трактори“ на ДЗС, а вчера учествувале три.

Градоначалникот Јанчев објасни дека пожарот бил пријавен во 21:00 часот на 2 август, на празникот Илинден, во Раец.

– Во ист момент избувнуваат пожари на пет локации, на меѓусебна оддалеченост од 500 до 700 метри, по што веднаш беа известени  надлежните институции, меѓу кои и ДЗС, ОВР – Кавадарци. Се работеше до доцните ноќни часови, но поради непристапноста на теренот, вечерта не успеавме да го изгаснеме пожарот – нагласи Јанчев.

Тој наведе дека утредента биле вклучени два „ер-трактори“ на ДЗС, но поради ветрот, пожарот се проширил кон селата Дреново, Раец, околината на Раец и Ќесендре. Поради сериозноста на пожарот, ОВР Кавадарци и Кризниот штаб организирале здравствена заштита на населението, со тоа што биле ангажирани две амбулантни возила за да им се укаже прва помош на оние што евентуално ќе вдишат чад.

Вчера вечерта заседавал Кризниот штаб, во периодот од 22:00 до 00:00 часот. Притоа, биле донесени два булдожера и два ровокопачи за да се трасира пат и со тоа да се оневозможи пожарот понатаму да се движи.

Утринава, од 05:00 часот, се вклучиле и пожарникари од Територијалната противпожарна единица на Неготино, три „ер-трактори“ на ДЗС, 10 полицајци од ОВР – Кавадарци со теренски возила и 17 пожарникари од Територијалната против пожарна единица – Кавадарци, две цистерни за вода од комуналното претпријатие „Комуналец“ – Кавадарци, како и доброволните противпожарни друштва од Штип и од Неготино.

– Во текот на целата ноќ, сѐ до утрината, непрекинато се работеше на потегот Раец – Ќесендре – Дреново со цел целосно ставање под контрола на пожарот. На терен беа ангажирани булдожер, три возила „унимог“, две возила „пинцгауер“ возила и 17 пожарникари, кои со максимална посветеност работеа на отсекување и на локализирање на огнената линија. Благодарение на координираната акција, пожарот е опколен од сите страни, а екипите и понатаму остануваат на терен и продолжуваат со активностите сѐ до неговото целосно гаснење – изјави Јанчев.

Денеска, како што нагласи Јанчев додека траеше прес-конференцијата, немало чад, но како што кажа, се чешлал теренот за да се провери да не постои некаде некое жариште.

– Очекувам до крајот на денот пожарот да биде изгаснат со „ер-тракторите“ – истакна Јанчев.

Тој им се заблагодари на сите што учествувале во гаснењето на пожарот бидејќи како што наведе, во трите дена имало лица кои воопшто не отишле во своите домови, туку останале на теренот, да се справуваат со огнената стихија.

Градоначалникот напомена дека во пожарот немало оштетена високостеблеста шума, ниту, пак, бил оштетен каков било имот на населението.

Ангелов додаде дека овој пожар бил исклучително тежок за гаснење бидејќи бил на тешко пристапен терен тежок за движење на пешадија.

– Пожарот гореше на голема линија. Гаснењето се вршеше на  поспецифичен начин. Се вклучија локалната самоуправа, комуналното претпријатие на Кавадарци, механизација, булдожери, „ер-трактори“ на ДЗС и по еден хеликоптер на армијата и на полицијата. Сето тоа, со координирана акција придонесе пожарот да се стави под целосна контрола – рече Ангелов.

Тој додаде дека пожарот вчера се разгорел, а не ја исклучи можноста тоа да се случи повторно.

– Најкритично време е од 14:00 до 15:00 часот. Можно е да има негово будење на неколку краци – напомена Ангелов.

Инаку, од Центарот за управување со кризи информираа дека вчера, до 13:00 часот, на територијата на државата биле регистрирани вкупно пет пожари на отворен простор, од кои 1 е активен, а 4 се изгаснати.

Активен е пожарот во селото Раец – Ќесендре – Дреново, во Општина Кавадарци, каде што гори нискостеблеста шума и ниска вегетација. Изгаснати, пак, се пожарите на депонијата на улицата „Дебарска“, кај местото викано Теќе – Општина Прилеп, во селото Шемшово –  Сиричино – Општина Теарце, каде што горело ѓубре, како и во селата Глуво и Мирковци – Општина Чучер Сандево, каде што горела сува трева.

Селото Дреново без вода поради пожарот

Пожарите што завчера избувнаа во атарот на селото Раец предизвикаа оштетување на дел од електропреносниот систем, поради што е нарушено редовното снабдување со вода за селото Дреново, информираа утрово од Јавното претпријатие „Комуналец“ – Кавадарци.

Како што соопштуваат од претпријатието, поради прекинот во снабдувањето со електрична енергија не е можно нормално функционирање на бунарите од кои се обезбедува вода за селото.

По оваа ситуација, ЈП „Комуналец“ веднаш реагира и испрати цистерна со вода во село Дреново за технолошки потреби и таа ќе се користи до средување на проблемот од страна на „ЕВН“ – нагласија од јавното претпријатие.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ