понеделник, ноември 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Владата предлага укинување на Советот на безбедносно-разузнавачките служби, се укинува координацијата, се...

Владата предлага укинување на Советот на безбедносно-разузнавачките служби, се укинува координацијата, се отвора патот за спојување на агенциите?

0

Дали новиот закон со кој Владата му предлага на Собранието да го укине Законот за координација на безбедносноразузнавачките служби, односно меѓу Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Военото разузнавање, Финасиската полиција, Бирото за јавна безбедност, е вовед во процесот на спојување на државното и странското разузнавање, прашаа пратениците на опозицијата на Комисијата за одбрана и безбедност каде што предлог-решението помина на прво читање.

Во новиот закон за престанување на важењето на Законот за координација, надлежното Министерство за внатрешни работи дава оценка дека Законот за координација на безбедносноразузнавачката заедница во Македонија е системски правилно поставен и концепциски усогласен со ЕУ и НАТО-стандарди, меѓутоа неговата примена  во практиката е ограничена.

„Неговата ограничена имплементација е резултат на институционална недоверба, претесен опфат и недостиг на оперативен капацитет на безбедносно-разузнавачката заедница Македонија, што Владата го утврди на седницата“, стои во кусото објаснување на предлог-законот.

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, во дискусијата на работното тело рече дека законот за координација, кој Владата сега сака да го укине, бил клучен пред пристапувањето во НАТО – да се формира Совет за соработка меѓу безбедносните служби. Прашува, ако слабостите се утврдиле пред една година, зошто не биле коригирани и побара одговорност од првите луѓе на МВР, БЈБ  и АР.

„Невидено е да укинете Совет во ова турбулентно време на протести и критични состојби во Европа. Ова значи да си почнете и со разрешување на директорите и на министерот.  Ако ви била намерата да почнете со спојување на националното и на странското разузнавање, ова е поразителен начин“, заклучи Петровска.

Пратеникот Оливер Спасовски праша зошто Советот за координација на службите немал ниту еден состанок, а по закон, треба да седнат на три месеци.

„Дали можеби укинувањето на законот значи вовед во спојување на двете агенции, ако е така, не гледам причина да ја укинеме координацијата меѓу безбедносните служби. И ако ви е тоа аргумент, не држи. Додека не се каже став дали ги напуштаме НАТО-стандардите, овој закон не треба да биде донесен. Ова е како некоја лекарска комисија да утврди дека некој е болен од канцер, но заради недоверба во институциите, ќе го пуштиме дома да се лекува“, кажа Спасовски.

„Сиљановска, додека беше пратеничка, ни беседеше за демократија, сега ја нема никаде. Ги напуштаме ли препораките од Прибе, заменик-министре за внатрешни? Со вакво објаснување некоректно доаѓате до нешто што сте замислиле. На оваа тема ни треба ставот на претседателката, но брзо ќе откриеме кога ќе дојде законот на потпис, почесно ќе беше да дојдевте со ново законско решение, ако беше добро, ќе го подржевме“, порача пратеникот Горан Мисовски.

Предлог-законот помина на Комисијата со осум гласа „за“ и два „против“.

Премиерот, Христијан Мицкоски, на последната седница на пратенички прашања уверуваше дека Собранието ќе има клучна улога во надзорот врз работата на идната обединета агенција.

„Точно е дека оваа влада планира да направи реформа во начинот на кој функционираат службите. Прво затоа што кога бевме во опозиција, бевме жртви на тие служби и за тоа има судски процеси. Спојувањето ќе биде транспарентен процес за кој ќе има јавна дебата онолку колку што е потребно, за да искатализираме решение што ќе обезбеди транспарентност“, изјави премиерот и ги отфрли сомнежите дека обединувањето би можело да доведе до нови случаи на незаконско прислушување. Како аргумент ја посочи постојната Оперативно-техничка агенција (ОТА), како и механизмите за одговорност при евентуално кршење на законот. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ