Радарите и полициските патроли и во јули имаа многу работа на македонските патишта. Речиси 21.000 возачи во минатиот месец добиле казна при сообраќајните контроли на полицијата, а најчеста причина повторно била брзото возење. Покрај илјадниците прекршоци, стотици возачи биле лишени од слобода поради безобѕирно управување, а МВР најавува дека ќе продолжат засилените контроли и во наредниот период.
– Во периодот од 1 до 31 јули годинава, како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ државата, од вкупно 20.976 издадени платни налози, 4.241 прекршок се однесуваат на возачи што не ја почитувале пропишаната брзина на движење – соопштија од МВР.
Оттаму посочуваат дека биле лишени од слобода 496 лица за безобѕирно управување на возило, од кои 81 за возење под дејство на алкохол, 373 за возење без возачка дозвола, 25 поради претходно изречена забрана за управување моторно возило, три за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, 13 за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место, едно лице за возење во забранет правец. Одземени се 332 возила.
Во текот на јули биле евидентирани 4.694 прекршоци за неправилно паркирање, како и 430 санкции за возење под дејство на алкохол.
– Од друга страна, пак, согласно со одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, биле санкционирани 2.073 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем. Исто така, биле санкционирани 1.829 учесници во сообраќајот што не користеле сигурносен појас. Согласно со Законот за возила, 299 возила биле отстранети од сообраќај поради тоа што биле нерегистрирани, а 125 поради техничка неисправност. Биле санкционирани и 44 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии) – посочуваат од Министерството.
Од МВР најавуваат дека ќе продолжат сообраќајните контроли и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесат за побезбедни патишта.












