Затворените експозитури, ограничените исплати и неизвесноста околу платите на вработените ја зголемија паниката меѓу клиентите на Алта банка – Битола, будејќи ги болните спомени од аферата ТАТ. Додека Народната банка уверува дека банката е ликвидна, депозитите се сигурни и штедните влогови на физичките лица се осигурени до 30.000 евра, граѓаните стравуваат за своите пари, а јавните претпријатија и установи се соочуваат со проблеми при исплатата на обврските и платите. Кризата отвори и политички прашања за одговорноста на надлежните институции, додека предупредувањата за можни сомнителни парични текови дополнително ја засилија загриженоста. За разлика од ТАТ, Алта банка е под надзор на Народната банка, но граѓаните повикуваат на брзо разрешување на состојбата, заштита на клиентите и враќањето на нарушената доверба

И покрај смирувачките изјави што стигнуваат од Народната банка дека Алта банка – Битола продолжува да работи под привремена администрација и дека тоа не значи затворање на банката, стечај или одземање на дозволата за работа, сепак, голема вознемиреност, неизвесност и страв владеат меѓу клиентите, пред сè меѓу битолчани чии сметки и штедни влогови се во битолската банка. Дополнителна загриженост предизвика денешшното соопштение дека од денеска сите експозитури ќе бидат затворени за клиенти, а за физичките лица е утврден неделен лимит од 10.000 денари за користење средства преку платежните картички на банката.
Токму поради таа неизвесност, Битола повторно се соочува со слики што ги будат трауматичните спомени од финансиската афера со штедилницата ТАТ пред 30 години. Граѓаните уште од саботата чекаа во редици пред експозитурите и банкоматите за да ги повлечат своите пари, откако само два дена претходно, банката уверуваше дека е ликвидна и дека средствата им се непречено достапни на клиентите. За еден ден, оптимизмот исчезна, а ограничувањата ги зголемија стравот и недовербата.
Загрижени битолчани велат дека сето ова им личи на првоаприлска шега, но оние што се посомневале дека би можело да се случи ова сценарио, во изминатите денови успеале да повлечат над два милиони евра. Особено сериозна е неизвесноста за правните лица. Речиси сите јавни претпријатија и установи во Битола имаат сметки во банката, а со воведените ограничувања не можат да вршат надворешни плаќања ниту да повлекуваат готовина.
– Почеток е на месецот, вработените треба да земат плата, а вака како што стојат работите, јавните претпријатија и установи не можат да ја исплатат – изјавил раководител на јавна установа од Битола.
Проблем имаат и вработените чии плати се исплаќаат преку Алта банка. Тие веќе бараат нови банкарски сметки за да можат да ги примаат средствата, додека другите банки се соочуваат со зголемен број клиенти. Дополнително, дел од трговците не ги прифаќаат картичките на Алта банка поради неизвесноста околу наплатата.
Во Скопје, пак, некои скопски училишта денеска упатија предупредување до родителите уплатите за обезбедување и осигурување да не ги вршат во Алта банка – Битола, туку во други посочени банки.
Гувернерот Трајко Славески соопшти дека Народната банка вовела привремена администрација како заштитна мерка, до очекуваната промена на сопственоста. Физичките лица можат да користат до 10.000 денари неделно преку картички за подигање готовина и плаќања кај трговци, додека правните лица можат да вршат неограничени трансакции само во рамките на банката. Одливите кон други банки и странство се привремено ограничени. Приливите од странство продолжуваат непречено. Народната банка уверува дека банката е ликвидна, висококапитализирана, и дека депозитите остануваат на сметките. Штедните влогови на физичките лица се осигурени до 30.000 евра преку Фондот за осигурување депозити.
Сепак, стравот од повторување на ТАТ е силен. Во аферата од 1997 година, над 13.000 штедачи беа оштетени за повеќе од 60 милиони евра. За разлика од тогашната нерегулирана пирамидална штедилница, Алта банка е комерцијална банка под супервизија на Народната банка, со законски осигурени депозити. Но, за битолчани, кои паметат и други финансиски афери, меѓу кои „Алфа Ели комерц“ и „Лавци“, секоја ваква неизвесност буди длабока недоверба.
Дополнителна политичка димензија на случајот му даде лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој побара оставка од Славески и истрага од Обвинителството за одобрувањето на влезот на Алта банка во Македонија. Тој потсети дека СДСМ уште во декември предупредувал за сомнителното работење на банката во Србија и побара одговор дали премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот ги процениле ризиците при нејзиното преземање на Стопанска банка Битола.
Во меѓувреме, белградски универзитетски професори повикаа Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора да ја засилат контролата на паричните текови на границите со Србија поради можноста за забрзано изнесување сомнителни средства. Тие предупредија дека институциите треба навреме да реагираат доколку постојат индиции за трансфер на нелегално стекнати пари.
За градот, кој пред речиси три децении ја плати високата цена на една финансиска измама, прашањето не е само дали банката е ликвидна, туку и колку брзо институциите ќе ја разрешат кризата и ќе ја вратат довербата на граѓаните. За разлика од ТАТ, каде што парите не беа осигурени, во Алта банка – Битола депозитите се осигурени до 30.000 евра во Фондот за осигурување на депозити.
Народната банка ги повикува граѓаните и клиентите на банката да не носат одлуки врз основа на непроверени информации, туку да се информираат исклучиво од официјалните извори. Сметаат дека непотребното и масовно повлекување средства не е во интерес на штедачите, поради што е особено важно да се избегнуваат постапки предизвикани од неточни или непотврдени информации.
(С. Бл.)












