Илијана Јотова е избрана за првата жена претседателка на Бугарија, со што и Скопје и Софија првпат се предводени од жени. Сиљановска-Давкова ѝ ја честиташе победата, изразувајќи надеж за конструктивна соработка, меѓусебна почит и надминување на отворените прашања. Но, дали женската дипломатија ќе успее да го одмрзне политичкиот дијалог меѓу двете земји? Јотова испраќа пораки за мир и дијалог, но досега не покажува отстапување од официјалните бугарски позиции за македонските евроинтеграции. Случајот со Ива Михајлова дополнително покажа дека чувствителните прашања и натаму можат да ги оптоварат односите меѓу двете соседни земји
ДЛАБОКИ ПОЛИТИЧКИ РОВОВИ МЕЃУ СКОПЈЕ И СОФИЈА, СЕ БАРА ПАТ ЗА ДИЈАЛОГ
Илијана Јотова ќе биде новата претседателка на Бугарија, со што двете соседни држави, Македонија и Бугарија, на чело ќе имаат жени. Во услови на долгогодишни несогласувања и отворени прашања што ги оптоваруваат односите меѓу Скопје и Софија, се наметнува прашањето дали новото претседателско поглавје во Бугарија и можеби поинаков дипломатски пристап ќе отворат простор за придвижување на билатералните односи. Дали женската дипломатија, со повеќе дијалог, разбирање и политичка волја, може да придонесе за приближување на позициите на двете земји?
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ѝ ја честиташе изборната победа на Јотова, изразувајќи уверување дека со добра волја, меѓусебна почит и отворен дијалог можат да се надминат постојните предизвици, да се зајакнат македонско-бугарските односи и да се унапредат мирот и стабилноста во регионот.
– Во име на македонските граѓани и од мое лично име им ја честитам изборната победа на претседателката Илијана Јотова и потпретседателот Кирил Валчев. Успехот на претседателката Јотова ја одразува волјата на бугарскиот народ. Уверена сум дека за време на нејзиниот мандат, Бугарија ќе одигра конструктивна улога во нашиот регион и во Европа, напиша претседателката на мрежата „Икс“.
Претседателката изрази уверување дека ќе ја продолжат меѓусебната соработка со меѓусебна почит, отворен дијалог и искрено партнерство.
– Со добра волја можеме да ги надминеме постојните предизвици, да ги зајакнеме македонско-бугарските односи и да ги унапредиме мирот, стабилноста и просперитетот, додава Сиљановска-Давкова во објавата.
Кандидатската двојка Илијана Јотова и Кирил Влчев, во неделата, победија на изборите за претседател и потпретседател на Бугарија со 57,58 отсто од гласовите, додека Андреј Ѓуров и Георги Кандев добија 39,47 проценти.
Јотова, која со изборната победа стана првата жена претседателка на Бугарија, во своите први обраќања испрати пораки за мир, дијалог и обединување на бугарското општество. Сепак, останува отворено прашањето дали овие пораки ќе се пресликаат и во односите со Македонија и дали новото претседателско поглавје во Софија ќе донесе придвижување во прашањата што со години ги оптоваруваат билатералните односи.
Јотова, на прес-конференција, им се заблагодари на гласачите, на Иницијативниот комитет што ја номинираше и на партиите што ја поддржаа, ветувајќи дека ќе успее да ја надмине политичката поделба во бугарското општество, пренесе бугарската национална телевизија – БНТ. Таа особено му се заблагодари на премиерот на земјата, Румен Радев, и неговата политичка групација „Прогресивна Бугарија“. Истакнувајќи дека сигурно ќе успее да ја обедини земјата, Јотова кажа дека изборната победа ѝ ја честитал нејзиниот противкандидат Ѓуров, кој рекол дека таа ќе биде достојна претседателка на државата.
– Сакам да ѝ се заблагодарам на „Прогресивна Бугарија“, г. Радев, без вас немаше да успееме да го направиме ова. Господинот Ѓуров се јави пред некое време да ми честита и да ми каже дека ќе бидам достоен претседател кој ќе најде дијалог со сите и тој е убеден во ова, рече новата бугарска претседателка.
На прашањето дали е подготвена да се тргне од сенката на Румен Радев, во чиј претседателски мандат таа ја извршуваше функцијата потпретседателка на Бугарија, Јотова одговори:
– Со речиси 30-годишна биографија во политиката, немало човек кој може да ми каже што да правам, рече Јотова.
Иако Јотова испраќа пораки за дијалог, истовремено цврсто се држи до познатата бугарска позиција кон Македонија.
Јотова и во изминатиот период имаше неколку јавни реакции во врска со случајот на Ива Михајлова од Кочани, кој дополнително ги заостри односите меѓу Скопје и Софија. Таа го отвори случајот и пред генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, како и пред високиот комесар на ОН за човекови права, оценувајќи дека станува збор за прашање на човекови права. Јотова тврдеше дека Бугарија понудила Михајлова да се лекува во Бугарија или бугарски медицински тим да дојде во Македонија, но дека не бил постигнат договор за ниту една од опциите. Притоа, нагласуваше дека Софија не сака да се меша во правосудните постапки во Македонија, но инсистира на обезбедување соодветен медицински третман за Михаилова.
Во однос на македонско-бугарските односи, Јотова досега не најави отстапување од официјалната бугарска позиција во однос на евроинтегративниот процес на Македонија. Таа повеќепати порача дека Софија е отворена за дијалог, но дека разговорите треба да се водат без ултиматуми и без отстапување од европската политика. Според неа, европскиот пат на Македонија не е само билатерално прашање, туку дел од поширокиот процес на европско проширување, при што треба да се почитуваат преземените обврски и европскиот консензус. Јотова изрази и умерен оптимизам за можноста за разговори со Скопје, но нејзините досегашни изјави не навестуваат промена на бугарските барања.
Илијана Јотова, поранешна новинарка и пратеничка во Европскиот парламент, во изминатите девет години ја извршуваше функцијата потпретседател на Бугарија, заедно со Румен Радев. Таа ја презеде улогата на вршител на должноста претседател откако Радев поднесе оставка во јануари за да учествува на парламентарните избори. Победи во вториот круг од претседателските избори во Бугарија, станувајќи првата жена на чело на државата, според речиси конечните резултати од Централната изборна комисија. Јотова, која водеше кампања како „претседател на мирот“, е позната по залагањето за дипломатско решение на војната во Украина и по противењето на испраќањето воена помош за Киев. (В. С. Н.)












