Во Драмски театар почна да се подготвува претставата „Мачкина глава“ по текст на Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски.

Како што информираа од оваа институција, денеска била одржана првата проба за претставата со која ќе се одбележи јубилејот – 80 години Драмски театар, a чија премиера е закажана за 21 април.

Режисерот Дејан Пројковски и авторот Венко Андоновски на првата проба изразиле големата доверба кон актерите и уметничкиот тим со кој ќе ја работат претставата.

– Знам дека можете сѐ. Како автор, тука сум со вас и ќе бидам дел од процесот – кажа писателот Андоновски, обраќајќи им се на актерите.

Појасни дека станува збор за текст што се движи по опасната линија да западне во политизација на релација Исток  ̶  Запад, а ние сме како тампон-зона, која треба да се определи, иако изборот не е нешто голем.

Режисерот Пројковски, пак, истакна дека очекува одлична претстава, која ќе биде резултат на заедничките средби, енергии и светогледи.

– Текстот нуди одлична матрица за градење на ликовите во претставата. Форматот на текстот има широчина во светската и во домашната политика и промовира вредности – додаде Пројковски.

Во претставата играат: Рубенс Муратовски, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Филип Трајковиќ, Александар Степанулески, Сара Климоска, Игор Ангелов, Сања Арсовска, Златко Митрески и Предраг Павловски. Во уметничкиот дел од тимот, пак, се: сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, а музиката е на Горан Трајкоски. Инспициент во претставата е Жарко Намичев, а суфлер Милка Анчевска.

Директорот Роберт Вељановски на пробата го изрази своето задоволство што актерите избрани во оваа поделба, предводени токму од тандемот Андоновски-Пројковски, ќе ја имаат честа да ја играат премиерата на „Мачкина глава“ на 21 април, денот на централната прослава за 80-годишнината на Драмски театар.

„Мачкина глава“ е драмски текст на Андоновски, македонски романсиер, драмски писател, филмски сценарист, книжевен критичар, професор и теоретичар на литературата и културата. Тој е автор на 35 книги од најразлични жанрови, а неговите драмски текстови по кои се работени претстави се играат пред преполни сали. Освен десетиците книжевни домашни и меѓународни награди, добитник е и на наградата на „Еуродрам“ – за најдобри драми во Европа.

„Мачкина глава“ е втора претстава од годишната програма за работа на Театарот, поддржана од Министерството за култура и туризам за 2026 година.

ИЗДВОЕНИ