Една година по интеграцијата на Македонија во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат придобивките од побрзите и поевтините прекугранични трансакции. Според податоците што ги презентира вицегувернерот на Народната банка, Игор Величковски, заштедите од банкарските провизии во првата година достигнале околу пет милиони евра.

Во публикација за Европскиот совет за плаќања, Величковски посочува дека испраќањето 500 евра во земја членка на СЕПА денес е во просек шест пати поевтино во споредба со претходниот модел на кореспондентно банкарство. Истовремено, трошоците за примање вакви средства се намалени за половина. Дополнителни заштеди има и кај компаниите. За трансфер од 20.000 евра кон деловен партнер во СЕПА, надоместокот е девет пати понизок, со намалени трошоци и за примачот на средствата.

– Значително е подобрено и времето за реализација на трансакциите. Наместо претходните еден до три работни дена, плаќањата преку СЕПА се обработуваат во истиот или најдоцна следниот работен ден – вели виџегувернерот.

Според Величковски, речиси 70 отсто од влезните и излезните трансакции веќе се реализираат преку овој канал, што укажува на зголемена употреба на услугите и широка достапност преку банкарскиот сектор.

Паралелно со намалувањето на провизиите, се засилува и ценовната конкуренција меѓу давателите на платежни услуги. Народната банка, пак, како следен приоритет ги посочува инстант плаќањата и усогласувањето со европските регулаторни стандарди.

ИЗДВОЕНИ