Унгарскиот ракометен гигант Веспрем ја потврди фаворитската улога и го совлада Партизан во Белград со 37:26 во четвртото коло од Лигата на шампионите. Унгарскиот гигант имаше пет гола предност на паузата (17:12), а во вториот дел само ја зголемуваше разликата и прилично лесно дојде до триумф над тимот на Шпанецот Раул Гонзалес.
Немаа сили „црно-белите“ за нешто повеќе во мечот, Веспрем создаде и двоцифрена разлика на средина од второто полувреме, со што веќе беше јасен конечниот епилог. За Унгарците ова е четврти триумф во групата А и убедливо го држат првото место, а српскиот тим го впиша и четвртиот пораз во оваа конкуренција, каде се уште Фуксе Берлин и Порто.
-Беше тешко за нас бидејќи имаат многу добра одбрана, а и одличен голман. И кога успевавме да одиграме добро во напад, шутиравме кон голманот, но беше невозможно бидејќи тој одбрани 24 удари. Сепак, мислам дека сме подобри – не многу подобри, но го подобруваме тимот. Тие се многу силен противник за нас, кажа тренерот на Партизан, Раул Гонзалес.
Ракометарите на ПСЖ стигнаа до втората победа во групата Ц, откако лесно го надиграа тимот на Целје со 46:35 во натпреварот од третото коло. Најдобри во редовите на ПСЖ беа Бјарки Мар Елисон и Елохим Пранди со по седум погодоци, а кај Целје најефикасен играч беше Аљуш Анџиќ со девет голови.
Германскиот Магдебург го надигра директниот конкурент за првото место во групата Ф, Киелце, со 35:30. Бундеслигашот на гостински терен стигна до важни два бода, со кои малку се „одлепува“ токму од денешниот ривал.
Омар Инги Магнусон повторно прикажа одличен ракомет и забележа 11 голови за Магдебург, а ист скор имаше и неговиот сонародник Гисли Кристијансон. Во тимот на Киелце осум погодоци постигна Словенецот Алекс Влах.
Криенс стигна до првата победа во групата Ф, откако го совлада Колштад на домашен терен со 34:32. Џером Милер даде десет гола за победничкиот тим, додека во редовите на Колштад осум погодоци имаше Симон Јепсон. ГОГ Гудме извојува победа на гости кај Кристијанштад со 37:32. Емил Тонесен постигна седум гола за победничкиот состав, а кај Кристијанштад најдобар поединец беше Еинар Адалстајнсон со десет погодоци.












