петок, ноември 27, 2026
Дома СВЕТ Генерацијата зет би можела да ја добие својата прва светица, постапката почна

Генерацијата зет би можела да ја добие својата прва светица, постапката почна

1

Американската тинејџерка Марија Мидлтон имала само 16 години кога лекарите ѝ дијагностицирале неоперабилен тумор на мозокот, што било причина за нејзината смрт во 2020 година, на 18-годишна возраст. Сега таа е еден чекор поблиску до тоа да биде прогласена за светица, откако католичките бискупи го поддржаа почнувањето на постапката за нејзина беатификација и канонизација.

Доколку успее постапката, таа би можела да стане првата светица од генерацијата зет, објави „Дејли мејл“. На одлуката ѝ претходела петиција од надбискупот на Филаделфија, Нелсон Перес, кој ја истакнал исклучителната вера што тинејџерката ја покажала за време на нејзината борба со ракот.

– Беше разорувачко, кошмарно. Ситуација од која немаше излез – изјавила нејзината мајка за АБЦ7.

И покрај дијагнозата, тинејџерката продолжила да ужива во животот. Додека се борела со болеста, таа отишла дури и во Уганда на мисионерско патување. Минатата недела, Конференцијата на католички бискупи на САД гласаше за продолжување со процесот на беатификација и канонизација. Сузан и Брајан Мидлтон, нејзините родители, ја опишуваат како прекрасна тинејџерка која ја сакала Тејлор Свифт, танцувала и поминувала време со своите миленици. Сепак, зад вообичаените тинејџерски интереси лежела длабока религиозност за која нејзините родители веруваат дека ја издвојувала од другите.

– Нашиот омилен цитат од Марија е: „Не мора да правиш чуда за да бидеш свет“. Во секој поглед, таа беше многу обична тинејџерка, но имаше извонредна вера – изјави нејзиниот татко за АБЦ7.

За време на разорната болест, семејството се свртело кон молитва и добило поддршка од луѓе од целиот свет, кои почнале да се молат за неа. Откако Марија починала, нејзините родители пронашле збирка записи што им овозможила увид во нејзината вера. Меѓу нив биле два збора што Марија ги запишала пред смртта: „Размислувај за надеж“. Таа фраза стана наслов на книга за нејзиниот живот.

Иако поминаа шест години од нејзината смрт, луѓе од различни делови на светот доаѓаат на гробот на Марија во Пенсилванија. Нејзините родители коментираат за можноста еден ден таа да биде прогласена за светица.

– Ни се чини дека живееме некаде помеѓу небото и земјата – изјави Брајан за АБЦ7, додека Сузан додаде дека „светоста е достижна“, објаснувајќи дека „Бог ги создал да бидат светци“.

Гласањето на бискупите е само ран чекор во процесот што бара одобрение од Ватикан. За канонизација се потребни и две признати чуда, пишува „Дејли мејл“.

ИЗДВОЕНИ