четврток, октомври 8, 2026
Дома СВЕТ Москва тврди: Нема ризик од епидемија во Сибир

Москва тврди: Нема ризик од епидемија во Сибир

16

Руското тело за здравствен надзор објави дека не постои ризик од избивање епидемија во Сибир по смртта на вработена во тамошниот институт за истражување на чума, додека Светската здравствена организација (СЗО) побара повеќе информации од Москва за причината за нејзината смрт.

Руските власти наведуваат дека 28-годишната лабораториска работничка починала во петокот од воспаление на белите дробови од засега неутврдена причина. Овој случај предизвика меѓународна загриженост — вклучително и од американскиот претседател Доналд Трамп — и првично доведе до ставање на околу 200 луѓе во карантин.

„Роспотребнадзор“, руската агенција за здравствен надзор, во соопштение наведе дека ги укинува превентивните мерки воведени откако било заклучено дека не постои ризик од епидемија, како и дека најновите информации ги споделила со СЗО.

Беше истакнато дека кај лицата кои биле во контакт со починатата работничка, Дарија Шипилова, не е откриен ниту еден случај на чума, а 90 проценти од лицата во карантин се пуштени дома откако речиси 5.000 лабораториски тестови не покажале присуство на опасни патогени.

Наведено е и дека Шипилова била вакцинирана и со тоа „имуна на опасните инфекции на кои работела“. Сепак, сè уште не е објавено што го предизвикало фаталното воспаление на белите дробови ниту како дошло до заболувањето, пренесува Ројтерс.

ИЗДВОЕНИ