Мозес Рајт за само 48 часа мина пат од најкорисен играч во Евролигата до едно од најголемите разочарувања во македонската репрезентација. Американскиот центар имаше две целосно различни изданија, па додека беше незапирлив во дресот на Олимпија Милано, против Кипар не успеа да ги оправда довербата и очекувањата.

Во вторникот, тој беше најзаслужен за гостинската победа на Милано над АСВЕЛ со 95:91. Со индекс на ефикасност од 35, беше најдобриот поединец во 14. коло од Евролигата, со што, вторпат едноподруго, ја освои наградата за МВП на колото.

Неговиот настап беше импресивен: постигна 29 поени, додаде осум скока, три украдени топки, две асистенции и една блокада, а изнуди и четири прекршоци. На тој начин стана вториот кошаркар оваа сезона што успеал да ја освои МВП-наградата во две последователни кола, по Елајџа Брајант од Хапоел Тел Авив.

Но, само два дена подоцна, на натпреварот против Кипар, беше непрепознатлив. Наместо да биде предводник на Македонија и да ја направи разликата под кошевите, натурализираниот кошаркар одигра разочарувачки меч, на кој постигна само три поени за речиси 31 минута на паркетот.

Покрај скромниот поентерски учинок, забележа шест скока и три асистенции, бројки што се далеку од она што се очекува од играч со квалитет и минутажа како неговите. Неговиот слаб настап беше дополнителен проблем за Македонија, која претрпи неочекуван пораз на домашен терен, од Кипар, со 75:85.

Контрастот е навистина огромен: од 29 поени и МВП-признание во Евролигата до само три поени во дресот на Македонија. Рајт покажа дека поседува квалитет за највисоко европско ниво, но во моментот кога ѝ беше најпотребен на нашата репрезентација, неговиот придонес беше далеку под очекувањата.

ИЗДВОЕНИ