петок, ноември 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА РАЗГОВОР СО ПЕДАГОГОТ МАЈА ПРОДАНОВА: Насилството меѓу учениците почнува и со навидум...

РАЗГОВОР СО ПЕДАГОГОТ МАЈА ПРОДАНОВА: Насилството меѓу учениците почнува и со навидум „невината“ љубомора

11

Во време кога трагичните настани нè потсетуваат колку е важно да зборуваме за насилството, неговото препознавање и спречување, училиштето има одговорност да биде простор во кој се учи не само за знаење туку и за животните вредности. Стручната служба при Средното општинско училиште „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, педагог и психолог, реализираше работилници со средношколците на тема „Љубовта, почитта и границите – препознавање и спречување на насилството во партнерските односи“. За весникот ВЕЧЕР разговаравме со Маја Проданова – училиштен педагог во ова средно училиште за целите на ваквите работилници, како и за улогата на училиштето во градењето на генерации во кои љубовта ќе значи почит, слобода и сигурност

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Што беше непосредниот повод стручната служба при СОУ „Јосиф Јосифовски“ да започне со реализација на работилниците на тема „Љубовта, почитта и границите – препознавање и спречување на насилството во партнерските односи“?

Непосредниот повод беа трагичните настани на насилство врз девојки и жени, особено случаите кои се случија во нашата непосредна околина, и кои предизвикаа вознемиреност, страв и бројни прашања кај младите. Сметавме дека училиштето не треба да остане само набљудувач на општествените случувања, туку треба активно да реагира преку едукација, превенција и поддршка.

Како стручна служба, почувствувавме потреба да отвориме безбеден простор во кој учениците ќе можат слободно да разговараат за љубовта, партнерските односи, љубомората, контролата, личните граници и насилството. Нашата цел не е само да реагираме на конкретни настани туку да работиме на промена на ставовите и вредностите што ги градат младите.

Кои се основните пораки што сакате да им ги пренесете на учениците преку овие работилници?

Најважната порака е дека љубовта не смее да биде извор на страв, несигурност и страдање. Љубовта подразбира почитување, доверба, слобода, разбирање и прифаќање на другиот како рамноправна личност.

Сакаме младите да разберат дека никој нема право да го контролира нивниот живот, да им забранува пријателства, да им го проверува телефонот, да ги уценува, понижува или заплашува. Исто така, сакаме да научат дека имаат право да постават граници, да кажат НЕ, да ја прекинат врската и да побараат помош.

Особено важно е да ја разбереме разликата меѓу љубовта и поседувањето. Никој не е сопственост на никого.

Од Вашето искуство како педагог, со какви облици на насилство најчесто се соочуваат младите денес – физичко, вербално, психолошко, дигитално или емоционално?

Од мојот професионален аспект, вербалните, психолошките и емоционалните облици на насилство се особено присутни во секојдневните односи меѓу младите. Навредувањето, исмевањето, омаловажувањето, исклучувањето од друштво, заканите, уценувањето и манипулацијата понекогаш се толку нормализирани што младите дури и не ги препознаваат како насилство. Сè поголем предизвик е и дигиталното насилство, кое не завршува со последното училишно ѕвонче. Напротив, преку социјалните мрежи, пораките и групните разговори, притисокот може да продолжи и во домот, во секое време од денот. Физичкото насилство е највидливо, но тоа не значи дека другите форми се помалку сериозни. Напротив, психолошкото насилство може длабоко да ја наруши самодовербата, достоинството и чувството на сигурност кај младата личност.

Дали младите секогаш се свесни дека навредувањето, омаловажувањето, уценувањето, заканите и постојаната контрола се облици на насилство?

Не секогаш. Токму тоа е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме во работата со младите. Дел од нив ги прифаќаат овие однесувања како вообичаен дел од една врска или како нешто што треба да се толерира ако постојат емоции.

Понекогаш слушаме оправдувања како: „Таков е затоа што ме сака“, „Љубоморен е затоа што му значам“ или „Се лути затоа што се грижи за мене“.

Преку работилниците се обидуваме да им помогнеме да ја препознаат границата меѓу грижата и контролата, меѓу несогласувањето и понижувањето, меѓу љубовта и манипулацијата. Особено е важно да разберат дека насилството не започнува секогаш со физички напад. Често претходат предупредувачки знаци кои не смееме да ги игнорираме.

Колку социјалните мрежи и дигиталната комуникација придонесуваат за појава на нови облици на насилство меѓу младите?

Социјалните мрежи се неизбежен дел од животот на младите, но начинот на кој ги користат може да создаде сериозни ризици. Дигиталното насилство се појавува преку навредливи коментари, ширење гласишта, објавување фотографии и видеоснимки без согласност, заканувачки пораки, лажни профили и јавно понижување. Особено загрижувачко е контролирањето на партнерот преку дигиталните уреди – барањето лозинки, постојаното проверување каде се наоѓа, со кого комуницира и зошто не одговорил веднаш на пораката.

Мора да им објасниме на младите дека дигиталниот простор не е простор без правила и одговорност. Почитувањето на личната приватност и согласноста важат и на интернет. Она што е насилство во реалниот живот не станува прифатливо само затоа што се случува зад екранот.

Дали забележувате дека кај дел од младите постојат погрешни сфаќања за љубовта, според кои љубомората, ограничувањето на слободата или контролирањето на партнерот се толкуваат како доказ за љубов?

Да, и токму ова е една од темите на кои посветуваме особено внимание. Во текот на работилниците се соочуваме со размислувања кои покажуваат дека кај дел од младите постојат искривени претстави за љубовта. На една од работилниците, ученик од трета година, отворено сподели дека му недостига внимание, а во разговорот се појави и ставот дека љубомората е составен дел од љубовта. Овие искази се важни затоа што ни покажуваат колку е неопходно да разговараме со младите, да ги слушаме и да не ги осудуваме нивните ставови, туку да ги поттикнеме критички да размислуваат. Љубомората како емоција може да се појави кај секого, но таа не дава право на контрола, забрани, проверување, уцени или закани. Љубовта не е поседување. Партнерот не треба да биде личност која ќе го ограничува нашиот свет туку личност покрај која ќе се чувствуваме слободни и сигурни.

Како учениците ги прифаќаат овие работилници? Дали отворено разговараат за своите искуства, ставови и дилеми?

Учениците ги прифаќаат работилниците со интерес, особено кога им се дава можност активно да учествуваат, да изнесат сопствено мислење и да дискутираат за ситуации блиски до нивното секојдневие. Она што го сметам за особено значајно е дека преку интерактивните активности се отвораат прашања за кои младите можеби ретко разговараат со возрасните. Понекогаш се појавуваат различни, па дури и спротивставени ставови, што е добра можност за заедничко преиспитување на воспоставените сфаќања. Нашата улога не е да им наметнеме готови одговори туку да создадеме простор во кој ќе научат да размислуваат, да препознаваат ризици и да донесуваат одговорни одлуки.

Дали за време на разговорите се забележува дека некои од нив препознаваат одредени однесувања како насилни, иако претходно ги сметале за нормален дел од една љубовна врска?

Да. Тоа е еден од највредните ефекти на овие работилници. Преку конкретни примери, учениците почнуваат да прават разлика меѓу здраво и нездраво однесување. Одредени постапки кои претходно ги сметале за знак на љубов или внимание, почнуваат да ги препознаваат како предупредувачки знаци на контролирање и емоционално насилство.

Особено е значајно кога самите ќе дојдат до заклучок дека постојаното барање отчет, ограничувањето на пријателствата, проверувањето на телефонот или заканите за прекинување на врската не се докази за љубов. Секоја таква промена во размислувањето е важен чекор кон превенција. Затоа верувам дека ваквите разговори треба да бидат континуирани, а не само реакција на актуелни трагични настани.

На кој начин училиштето им помага на учениците кои се соочуваат со насилство или имаат потреба од психолошка и педагошка поддршка?

Училиштето треба да биде безбедно место во кое секој ученик ќе знае дека може да се обрати, дека ќе биде сослушан и дека неговиот проблем нема да биде занемарен.

Преку стручната служба, односно педагогот и психологот, обезбедуваме разговори, советодавна и психолошко-педагошка поддршка, следење на состојбата и соодветно постапување во согласност со училишните протоколи за заштита.

Кога постои сомнеж или сознание за насилство, особено е важно навремено да се процени ризикот и, согласно со утврдените процедури, да се вклучат родителите и надлежните институции, водејќи сметка за безбедноста, достоинството и најдобриот интерес на ученикот.

Сакам да нагласам дека ученикот не треба да чека проблемот да стане сериозен за да побара помош. Доволно е да почувствува дека нешто не е во ред. Барањето помош не е слабост, туку храброст.

Ако треба со една порака да им се обратите на средношколците, што би сакале тие да запомнат од овие работилници?

Би сакала да запомнат дека никој нема право да им ја одземе слободата, самодовербата и чувството на сигурност во име на љубовта. Не мора да трпите за да докажете дека сакате. Не мора да се откажете од себе за да задржите некого. Не мора да молчите за да ја зачувате врската. Исто така, важно е да знаат дека вистинската сила не е во тоа да контролираш, заплашуваш или повредуваш, туку во тоа да почитуваш, да разбираш и да прифатиш дека другиот има право на сопствен избор.

А мојата порака до родителите и пошироката јавност е: Да не ги оставаме младите сами да учат што е љубов, почит и достоинство. На децата не им треба само материјална сигурност туку и емоционална присутност. Потребни им се разговор, внимание, топлина, прегратка и возрасни кои со сопствениот пример ќе им покажат како се градат здрави односи. Затоа што воспитувањето започнува во семејството, продолжува во училиштето и се надградува во општеството. Само со заедничка одговорност можеме да градиме генерации кои ќе знаат да сакаат без да повредуваат и да почитуваат без да поседуваат.

ИЗДВОЕНИ