Понудите за набавка на околу 45.000 тони мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“ беа отворени денеска напладне, а според информациите од АД ЕСМ до весникот ВЕЧЕР, на јавниот повик се пријавиле две компании – „Окта“ и „Компакт енерго оил“.

Од двете пристигнати понуди, само онаа на „Окта“ содржи конкретна цена и банкарска гаранција. Компанијата понудила попуст од 0,847 денари за килограм во однос на моменталната регулирана цена на мазутот, која изнесува 48,110 денари за килограм, како и 1,3 денари за секој превезен килограм мазут. Од друга страна, „Компакт енерго оил“ доставила понуда без наведена цена и без банкарска гаранција.

Според тендерската документација, единствен критериум за избор на набавувач е најниската цена, а испораката на мазутот треба да започне најдоцна 48 часа по добивањето на писмената нарачка. Од АД ЕСМ информираат за ВЕЧЕР дека комисија ќе ги разгледа доставените документи и ќе донесе официјална одлука за понатамошниот тек на постапката.

Јавниот повик беше објавен на 16 ноември, а првичниот рок за доставување понуди беше 19 ноември. По барање на заинтересираните компании, отворањето најпрво беше презакажано за 24 ноември, а потоа повторно одложено за вчера напладне.

За набавката се предвидени 2,6 милијарди денари, односно околу 42,6 милиони евра со вклучен ДДВ. Планот предвидува во првиот месец да бидат испорачани 20.000 тони мазут, а во вториот дополнителни 25.000 тони. Сепак, предвидените количества не се фиксни и може да се менуваат во зависност од потребите на АД ЕСМ.

Набавката на мазут е дел од подготовките за евентуалното повторно активирање на ТЕЦ „Неготино“, која има инсталиран капацитет од 210 мегавати, но не произведувала електрична енергија во текот на 2024 и 2025 година. Засега нема официјална информација кога централата повторно ќе биде ставена во функција, ниту колкаво производство на електрична енергија се очекува од неа. За споредба, при претходното активирање, од 18 декември 2021 до крајот на март 2022 година, во централата биле потрошени околу 53.000 тони мазут.

Премиерот Христијан Мицкоски, на 11 ноември, најави дека мазутот ќе се обезбедува преку пристаништето во Солун, од каде што ќе се транспортира со железница до ТЕЦ „Неготино“. За реализација на овој план се работи и на оспособување на железничката делница што ја поврзува централата со пругата на Коридорот 10.

Инаку, ТЕЦ „Неготино“ последен пат произведувала електрична енергија во април 2023 година. Централата претходно беше активирана во декември 2021 година, во услови на енергетска криза, по повеќе од една деценија мирување во ладна резерва, кое траеше од 2009 година.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ