Во убавиот главен град на Македонија, живеев пред многу години, кога со сопругот Боба имавме бизнис. Потоа, како светски патници, бизнисот го префрливме на некои други географски меридијани. Но, македонската метропола ми остана во срцето! Денешното Скопје има многу нови градби и тешко ми е да го препознам
Според насловот на еден од нејзините мегахитови, но и според насловот на играниот музички филм, така и скопскиот концерт, кој ќе се одржи на 18 декември во „Т-арената“, ќе биде токму со таква цел, ајде да се сакаме. Низ хитовите на Лепа Брена, публиката ќе се сака (пак) со својата музичка миленичка. Тоа е жива вистина. Доказ е и сосема распродадената арена. За љубов на тоа сакање, ние бевме во друштвото на Лепа Брена (Фахрета Јахиќ-Живојиновиќ) и еве, кои интересни работи ги кажа таа за читателите на ВЕЧЕР и порталот vecer.press
– Единственото нешто што останува е само сакањето. Живееме во лоши времиња. Тоа подразбира заемно да се сакате со членовите на потесното семејство, а потоа и со одбран број пријатели, вели добро расположената Лепа Брена, која на разговорот дојде со косата врзана во опавче, облечена во елегантно-спортски костим, под кој дискретно ѝ ѕиркаше црвената маица, за која и самата вели дека ја потсетува на радост.
– Се разбира дека за мене е радост кога имам концерт во Скопје. Во убавиот главен град на Македонија живеев пред многу години, кога со сопругот Боба имавме бизнис. Потоа бизнисот, како светски патници, го префрливме на некои други географски меридијани. Но, македонската метропола ми останува во срцето. Тука и двајцата имавме многу пријатели, а носам и прекрасни спомени. Денешното Скопје има многу нови градби и тешко ми е да го препознам.
Иако не сум некој гурман, во Скопје, секогаш највкусно знаев да се најадам. Онака по ќеиф! Обожавам македонски јадења со грав, со пиперки, со црвени и модри патлиџани, со компири, со моркови, секаков тип зеленчук кој успева да созрее на македонската почва полна со македонско сонце. Во Македонија, здравиот зеленчук го има во изобилство. Тоа е одлична и здрава храна, притоа помага во симнување на килограмите, коментира мегапопуларната пејачка, која сè уште одлично изгледа.
Лепа Брена истакнува дека во животот секогаш се трудела да другарува со луѓе кои шират само позитивна енергија.
– Имам еден добар пријател кој секогаш ми кажува добри совети. Како некој пророчник (се смее). Кога ќе разберете дека некој ви пренесува негативна енергија, едноставно, откачете се од него. Што се вели, „истресете го од ракавите на палтото“, и тргнете понатаму. Таквиот лик не ви треба, макар и да е роднина. Јас го направив тоа во животот, морав, бидејќи ми се лепеа секакви користољубиви. И ме злоупотребија. Сега ми е преубаво, откако таквите негативци ги избришав од мојот живот. Мислите ми се средени, позитивни, секоја коцкичка си дојде на своето место.
Лепа Брена се присети и на времето кога со Саша Поповиќ ја создаде грандиозната „Гранд-подукција“ со мегапопуларното балканско ТВ-шоу „Ѕвездите на Гранд“, кое сè уште трае и во кое многу пејачи од Македонија станаа и популарни и финансиски богати.
– Нема зошто да кријам за почетоците на „Ѕвездите на Гранд“. Тогаш речиси сите нè плукаа, велејќи дека е тоа е кич, дека јас и Саша популаризираме шунд. Тоа набргу се покажа како погрешна констатација. Шоуто стана максимално омилено. На тие многу талентирани деца им помогнав да излезат од анонимност, животот да им се смени од коренот. Со текот на годините, се изродија многу слични такви шоу натпреварувања низ целиот Балкан, па затоа слободно можам да кажам дека со Саша Поповиќ направивме револуција во тој поглед. Ние први почнавме, така што горда сум поради тоа. „Ѕвездите на Гранд“ немаат никаква врска ниту со кичот ниту со шундот. Народот максимално се забавува, а добро знам дека шоуто има огромна популарност и гледаност и во Македонија.
–
Бидејќи сме при крајот на оваа 2026 година, а на прагот на новата, 2027 година, Лепа Брена порачува, од своето искуство, најмногу да внимаваме на сопственото здравје, па токму затоа на сите им посакува, пред сè, да се здрави. За сè друго, нека биде онака како што сака оној од Горе.
– Да нема веќе црни вести, да сме што помалку со мобилните в рака, да знаеме да уживаме понекогаш и во самотијата со добра книга. Да не се преоптоваруваме со секакви вести од светот бидејќи на овие простори, кај нас, не е важно, на пример, што се случува во Уганда или Руанда. Секако треба да сме информирани, но пред се, со вестите од нашето секојдневие. И, пак ќе кажам, да се сакаме со своите најблиски. Таква нека биде честитка за новата, 2027 година. Сакањето!!!
Дуле МИЌИЌ












