Грешка при прикажувањето на податоците во белгиската Национална лотарија довела до известување дека 350.188 играчи на „Еуромилионс“ (EuroMillions) – меѓу кои и 6.718 Белгијци – го освоиле џекпотот и ќе мораат да го поделат, објави белгискиот јавен сервис RTBF.
Во вторникот, на 25 ноември, џекпотот изнесуваше 46 милиони евра. До речиси 7.000 Белгијци беше испратена електронска порака во која се споменуваше овој огромен број добитници, поради што многумина помислија дека ќе мораат да ја поделат наградата со голем број други играчи.
Брза пресметка покажува дека тоа би значело само 128 евра по „среќен“ добитник – прилично безначајна сума за еден голем џекпот, забележува RTBF.
Според Националната лотарија, никој не добил лична порака со потврда дека навистина освоил пари.
„Настана недоразбирање во врска со распределбата на наградите во една општа електронска порака што ги содржеше резултатите од лотаријата ‘Еуромилионс’“, изјави неименуван портпарол на лотаријата.
Тој додаде дека сите засегнати играчи ќе добијат електронска порака со прецизни детали за проблемот, како и дека маркетинг-одделот активно работи на негово решавање.
Грешката беше веднаш откриена, со цел да се осигури дека следното извлекување, закажано за денес, ќе може да се одвива без никакви пречки.
„Еуромилионс“ се организира во 12 европски земји веќе повеќе од 20 години. Веројатноста за погодување на сите броеви во едно извлекување се проценува на еден спрема 139 милиони. Бидејќи џекпотот не беше освоен во вторникот, денес тој ќе изнесува 59 милиони евра, пренесе „Бета“.












