Државните Електрани повторно влегуваат во кредитен аранжман со домашните банки, овој пат за 3,7 милијарди денари, односно околу 60,3 милиони евра, за поддршка на тековното работење. Зад задолжувањето застанува Владата со државна гаранција, а рокот за отплата е до десет години. Новиот кредит доаѓа во период кога ЕСМ веќе има значителни обврски кон домашните банки, додека истовремено се најавува повисока цена на струјата за домаќинствата од почетокот на следната година

 

АД ЕСМ продолжува да се потпира на домашните комерцијални банки за обезбедување финансиски средства за своето работење. Најновиот кредитен аранжман тежи 3.706.000.000 денари, односно околу 60,3 милиони евра, а парите ќе ги обезбедат три домашни банки. За да се реализира новото задолжување, Владата на 24 ноември 2026 година донесе одлука за издавање државна гаранција за обврските на државната енергетска компанија, која веќе е објавена во „Службен весник“.

Станува збор за синдициран кредит за општи потреби, односно финансиска поддршка на тековното работење на ЕСМ, без прецизно наведена намена за конкретен инвестициски проект. Рокот за отплата е до десет години од склучувањето на договорот, со две години грејс-период. Тоа значи дека компанијата ќе има одложување на отплатата на главницата во почетниот период, но потоа ќе треба да го сервисира долгот во рамките на договорениот рок.

Особено внимание привлекуваат каматните услови. Каматната стапка е врзана за последно објавената референтна стапка на денот на склучување на договорот, зголемена за маржа од 2,10 процентни поени, но не може да биде пониска од 4,7 проценти годишно. Со други зборови, и покрај тоа што станува збор за државна компанија со државна гаранција зад неа, кредитот носи каматен трошок, кој во текот на повеќегодишната отплата ќе претставува дополнителен товар за финансиското работење.

Државната гаранција, пак, значи дека доколку ЕСМ не ги исполнува обврските кон банките, државата презема обврска да обезбеди навремено и целосно плаќање на главницата и на каматата. Така, кредитниот ризик на државната компанија делумно се пренесува врз државата, односно врз јавните финансии. Формално, должник останува ЕСМ, но во случај на проблеми со сервисирањето, обврската може да стане директен товар за државниот буџет.

Кредитите стануваат редовен извор на ликвидност

Новото задолжување не е изолиран случај, туку продолжение на моделот на финансирање што го применува ЕСМ во изминатите години. Државната компанија сè почесто се обраќа кај домашните банки за синдицирани кредити, најчесто за општи потреби и поддршка на тековното работење, при што Владата обезбедува државни гаранции за дел од овие задолжувања.

Колкав е обемот на ваквото финансирање покажуваат податоците од годишниот извештај на ЕСМ за 2025 година. На 31 декември минатата година, компанијата имала евидентирано повеќе синдицирани кредитни обврски кон домашниот банкарски сектор. Кај Халк банка биле евидентирани три синдицирани кредити – од 20, 15 и од 30 милиони евра. Кон Стопанска банка, ЕСМ имала два кредити, од 20 и од 30 милиони евра, додека кај Комерцијална банка биле евидентирани задолжувања од 30 и од 15 милиони евра. Дополнително, компанијата имала синдициран кредит од 10 милиони евра и кај Уни банка.

Ако на овие 170 милиони евра задолжување од крајот на 2025 година се додаде и претходниот кредит од околу 60 милиони евра, како и најновиот аранжман од 60,3 милиони евра, се добива слика за обемот на кредитното финансирање на компанијата. Сепак, овие износи не треба автоматски да се собираат како тековен долг, бидејќи дел од кредитите во меѓувреме се, можеби, отплатени, рефинансирани или изменети.

И пред една година ЕСМ подигна кредит од приближно 60 милиони евра од три домашни банки, со рок на отплата од десет години и грејс-период од две години. Тогаш беше објавено дека станува збор за трет кредит од домашните банки во таа година, по претходно задолжување од околу 110 милиони евра. За разлика од минатата година, кога ЕСМ заклучно со септември пријави загуба од над 90 милиони евра, во првите шест месеци од 2026 година компанијата оствари добивка пред оданочување од 449 милиони денари, односно околу 7,3 милиони евра.

Поскапа струја, поскапо финансирање

Новото задолжување се случува во момент кога се најавува и зголемување на трошоците за набавка на електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи. На тендерот на „ЕВН Хоме“ за периодот од јануари до декември 2027 година, ЕСМ понуди просечна цена од 67,7 евра за мегават-час, наспроти досегашните 65 евра. Тоа е зголемување од околу 4,15 проценти во набавната цена. За 70 проценти од потребните количини ЕСМ понуди цена од 65 евра за мегават-час, додека за преостанатите 30 проценти цената е 74 евра. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, најави дека струјата за домаќинствата од Нова година, најверојатно, ќе поскапи за два до три проценти. Секако, повисоката набавна цена не значи автоматски и идентично зголемување на сметките, бидејќи конечната цена ја формираат и трошоците за пренос, дистрибуција и за снабдување.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ