Унгарската полиција попладнево објави фотографија од жената која е осомничена дека ги одвела седумте деца од градот Мако во Унгарија, кој се наоѓа близу до границите со Србија и Романија. И таа се води за исчезната и можно е да е нивна мајка. Објавени се и фотографии и од седумте исчезнати деца, со повик до граѓаните ако ги видат да пријават во полиција.
Како што е веќе објавено, полицијата во Мако интензивно трага по седумте деца од семејството Бузас, кои исчезнаа на 7 март. Околностите на нивното исчезнување не се разјаснети, а полицијата се обидува да утврди како е можно да исчезнат сите деца во исто време и каде би можеле да се наоѓаат, со оглед на тоа што биле сместени во неколку хранителски семејства и во дом за згрижување деца.
Првично беа пријавени како исчезнати четири браќа и сестри: Абел (2), Кевин Адам (7), Доминик (8) и Анита Рубин (9). Но, подоцна беше откриено дека се исчезнати уште три деца со истото презиме: Лилиен (3), Ѓерѓ (8) и Амира Џесика (11). Повеќето од децата се родени во Печуј, а пораснале во Мако и живееле во згрижувачки семејства или во установи за грижа за деца. Неколку часа по пријавата за нивно исчезнување, на списокот со исчезнати е додадена и 39-годишна жена по име Ержебет Аните Пап, за која постои сомнеж дека е поврзана со исчезнувањето на децата. Полициски извори велат дека постои можност жената да ги зела децата или да избегала заедно со нив, па во моментов, можеби, се движат во иста група.
– Децата исчезнале од своите домови или откај згрижувачите. Иако не е сосема јасно каква е нивната врска со возрасната жена, трагите укажуваат дека таа, можеби, ги организирала и ги одвела – рече поранешниот инспектор и пензиониран полициски мајор, Атила Молнар.


Тој додава дека засега не е познато какво семејно и крвното сродство има меѓу жената и децата.
– Трагите укажуваат на тоа дека ги зела жената, веројатно однапред го организирала заминувањето и избегала со нив. Седумте деца и жената, најверојатно, сè уште се заедно, или се кријат или се движат. Поради големиот број деца, тешко е да останат незабележани долго време. Таква група не може да патува со јавен превоз без да привлече внимание, а дури и патувањето со автомобил бара минибус – објасни Молнар.
Тој додаде дека зад случаите кога жена, најверојатно мајка, зема или бега со деца, најчесто стои семејна драма.
– Можно е децата да ѝ биле одземени порано, неодамна да била ослободена од затвор или да не можела да се грижи за нив од некоја друга причина. Полицијата мора брзо да дејствува во интерес на децата, бидејќи не е случајно што биле сместени во институции или кај згрижувачки семејства – нагласи Молнар.
Полицијата, која спроведува интензивни претреси и испитување, не дава детали за случајот за да не се загрози потрагата и за да се заштити приватноста на малолетните деца.












