Националниот џез-оркестар вечерва (28 октомври), во 20:00 часот, во Национална опера и балет, ќе приреди јубилеен концерт посветен на 40-годишната уметничка кариера на истакнатиот тромбонист, аранжер и композитор – Сашко Николовски.
Овој концерт претставува омаж на една кариера што остава длабока трага во современата македонска музичка култура. Публиката ќе има можност да слушне избор од авторските композиции и аранжмани на Сашко Николовски, но и дела од други значајни македонски автори и соработници – Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Гордан Спасовски, Џијан Емин, Иван Петровски и други.
Под диригентската палка на Џијан Емин, концертот ќе понуди музичка приказна што ги обединува различните периоди, соработки и влијанија што ја одбележале четиридецениската кариера на Сашко Николовски.
Како еден од најактивните музичари на нашата сцена, тој има реализирано безброј концерти во земјава и надвор од неа. Со професионалниот ангажман во оркестарот на Македонската опера и балет од 1986 година, тој низ децениите остава длабок печат и во бројни состави: како член на квартетот тромбони, со концерти во Сплит, Омиш, Макарска и на Хвар, во оркестарот на МРТВ, бендот на Тоше Проески, Националниот џез-оркестар, „Гоце Стевковски септет“ и многу други.
Како круна на неговото долгогодишно творештво се појавува и неговиот прв авторски проект – албумот „Not for Sale“, на кој свират дел од најпрепознатливите имиња на домашната џез-сцена, обединувајќи осум композиции инспирирани од класичните и од модерните текови на џезот.
На концертот ќе настапат и специјални гости, меѓу кои Сашо Гигов-Гиш, Дарко Мучев-Мучо, Стефче Стојковски и Теодор Стојковски-Катин.












