Јавното претпријатие за државни патишта склучило договор, вреден речиси 9,4 милиони денари, за противпожарно обезбедување на тунелите кај Пресека со доброволно противпожарно друштво. Професионалниот пожарникар во пензија, Томе Цикарски, прашува кој ја проверил стручната подготвеност на ангажираниот кадар и со каква опрема ќе интервенираат во случај на пожар. Тој нагласува дека пожарите во тунели бараат специјализирана обука, искуство и добра организација. Министерот за транспорт, Александар Николоски, пак, уверува дека нема да има импровизации и дека техничките системи ќе бидат под стручен надзор. Јавноста очекува јасни одговори за тоа кој и како ќе ја гарантира безбедноста на патниците

Јавното претпријатие за државни патишта ќе издвои речиси 9,4 милиони денари со ДДВ за противпожарно обезбедување на тунелите кај Пресека, на автопатот Кичево – Охрид, според објавените информации за договорот доделен на доброволното противпожарно друштво ДПД „Ентузијаст Охрид – Дебрца“. Договорот, со вредност од 9.439.997,64 денари и со времетраење од 12 месеци, отвора прашања за стручната и за оперативната подготвеност на субјектот што треба да одговори во случај на пожар во еден од најсложените инфраструктурни објекти на оваа делница.
Имено, тунелите кај Пресека се составени од две тунелски цевки со вкупна должина од речиси четири километри – едната долга околу 2,1 километар, а другата околу 1,9 километри. Ограничениот простор, можноста за брзо ширење на чадот, високите температури и отежнатата евакуација ја прават противпожарната заштита особено важна за безбедноста на патниците.
Токму стручноста и подготвеноста за интервенција се во фокусот на реакцијата на Томе Цикарски, магистер од областа на заштитата од пожари, професионален пожарникар во пензија со 35 години работно искуство и претседател на Здружението на професионални пожарникари на Република Македонија. Тој не тврди дека е прекршен закон при доделувањето на договорот, но смета дека надлежните треба јавно да објаснат кои критериуми биле применети и како е утврдена способноста на ангажираното друштво да обезбедува противпожарна заштита на тунелите.
– Не навлегувам во тоа кој кому му го доделил договорот, ниту однапред тврдам дека е прекршен закон. Тоа е прашање за надлежните институции. Но, како човек што поминал 35 години во професионалното пожарникарство, чувствувам и професионална и морална обврска јавно да поставам неколку прашања – наведува Цикарски.
Според него, противпожарното обезбедување на тунел не може да се сведе на поседување возило и опрема, туку бара специјализирана обука, искусен кадар, јасен систем на командување и проверена оперативна подготвеност.
– Пожарите во тунели се посебна категорија опасности. Ограничен простор, високи температури, токсични продукти на согорување, намалена видливост, сложена евакуација и отежнат пристап до местото на пожарот. За вакви интервенции не се доволни добра волја, униформа и противпожарно возило – предупредува тој.
Цикарски нагласува дека неговата критика не е насочена против доброволните пожарникари и нивниот придонес во заштитата на граѓаните, туку кон потребата јасно да се разграничат условите и стандардите што треба да ги исполнува секој субјект ангажиран за ваква задача.
– Доброволните пожарникари заслужуваат почит. Нивните хуманост, посветеност и придонес во заштитата од пожари никој не смее да ги оспорува. Но, почитувањето на доброволното пожарникарство не значи дека треба да ја избришеме разликата меѓу доброволното и професионалното пожарникарство – истакнува Цикарски.
Клучните прашања што ги поставува тој се однесуваат на условите под кои е избрано друштвото, неговите кадровски и технички капацитети, како и плановите за постапување во случај на пожар.
– Кој ги утврдил стручната и оперативната оспособеност на ангажираното друштво? Кои критериуми биле применети при изборот? Дали е изработена стручна процена на ризиците и оперативен план за интервенција во тунелот? – прашува тој и дополнително бара да се разјасни со каква опрема ќе располага екипата, колку обучени пожарникари ќе бидат ангажирани и како ќе бидат организирани дежурствата.
Според него, при носењето одлуки за безбедноста на вакви објекти треба да се користат знаењето и искуството на професионалците од областа на заштитата од пожари.
– Во Република Македонија постојат дипломирани инженери, магистри од областа на заштитата од пожари, искусни командири и раководители, кои со децении учествувале во најсложените противпожарни интервенции. Каде се тие луѓе кога се донесуваат вакви одлуки? – прашува претседателот на Здружението на професионални пожарникари.
Тој бара надлежните да ги презентираат потребните докази за оспособеноста на ангажираното друштво, доколку тоа ги исполнува сите стручни, кадровски, технички и оперативни услови.
– Противпожарната безбедност не се докажува со потпишан договор, туку со способноста да се одговори кога ќе настане вистинска опасност – порачува Цикарски.
Прашањата за противпожарното обезбедување доаѓаат во период кога се прикрај градежните работи на тунелите кај Пресека, а најавено е дека тунелите и делницата меѓу Подвис и Врбјани треба да бидат пуштени во употреба следниот месец. Министерот за транспорт, Александар Николоски, во телевизиско интервју ги отфрли наводите од анонимен допис дека ќе се импровизира со цел побрзо да бидат отворени тунелите, особено во однос на променливата сообраќајна сигнализација и командниот центар за нејзино управување.
– Нема никакви импровизации, имајќи предвид дека имаме надзор таму што е исклучително стручен, тоа е ГИМ – Градежниот институт на Македонија, најголемата компанија во Македонија и најстручна компанија во Македонија во овој дел, го прави надзорот – изјави Николоски и посочи дека градежните активности се во завршна фаза, наведувајќи дека се работи на финалните зафати, меѓу кои бојосувањето на тунелите и поставувањето на осветлувањето.
Во однос на техничките системи, министерот објасни дека изведувачот, кинеската компанија „Синохидро“, ги решава прашањата поврзани со инсталацијата, додека надзорот треба да гарантира дека се исполнети потребните стандарди.
– Знам дека надзорот, кој е заштита на државата, заштита на нас како држава, е на највисоко можно ниво и сум сигурен дека ГИМ нема да дозволи што било да се инсталира таму што не е по највисок квалитет и по највисок стандард – нагласи Николоски.
Тој додаде дека за завршување на проектот се потребни две дозволи – една од Министерството за транспорт и друга од Министерството за внатрешни работи, уверувајќи дека нема да биде издадена ниту една од нив доколку не се исполнети сите потребни стандарди.
Со оглед на должината и сложеноста на тунелите кај Пресека, и јавноста бара јасни одговори не само за тоа дали инфраструктурата ги исполнува техничките услови за употреба туку и за тоа кој ќе интервенира во случај на пожар, со какви ресурси ќе располага и како ќе се гарантира неговата оперативна подготвеност.
(С. Бл.)












