Последното парче мраз исчезна од глечерот Триглав во Словенија – што претставува најнова загуба на Алпите по исклучително жешкото лето низ Европа, пренесува „Гардијан“. Некогаш масивна ледена формација изгубил 93 % од својата површина помеѓу 1983 и 2003 година, сведувајќи се на помалку од еден хектар прегреани карпи. Сепак, глечерот продолжил да ги изненадува истражувачите – кои стравувале од негово целосно и неизбежно исчезнување – опстојувајќи на планината уште две децении.
Во текот на последните пет години – период во кој спаѓаат и трите најжешки години некогаш забележани во Европа – преостанатиот мраз се стопил, распаѓајќи се на неколку изолирани делови. До крајот на летото, последниот остаток од главната ледена маса имал димензии од само неколку метри. Новите фотографии од областа, направени пред и по снежните врнежи овој месец, потврдуваат дека мраз повеќе нема.
Матија Зорн, директор на Географскиот институт „Антон Мелик“, истакна дека Триглав „зазема централно место во словенечкиот национален идентитет“, додавајќи дека губењето на глечерот значи и губење на важен извор на податоци и показател за климатските промени.
Slovenia’s Skuta Glacier is now the country’s last remaining glacier, after the ice on Mount Triglav all but disappeared. Scientists say Skuta has thinned from tens of meters to just a few meters and is still melting from all sides. #Glacier #Slovenia pic.twitter.com/iRj12ek66f
— NTD News (@NTDNews) October 24, 2026
„Секоја година знаев дека ќе има помалку мраз. Но, секоја година одново бев шокиран од тоа колку малку всушност останало“, рече Зорн.
Топлотните бранови – засилени со емисиите на јаглерод – ги опустошија Алпите, претворајќи ги огромните, бели глечери во карпести предели, кои научниците ги опишуваат како „месечеви пејзажи“. Минатиот месец, швајцарските глациолози утврдија дека речиси една петтина од мразот во земјата исчезнал во текот на последните пет години, при што само во 2026 година неговиот волумен се намалил за 5,5 отсто.
Во Словенија, која се наоѓа на југоисточниот раб на Алпите, глечерот Триглав изгубил поголем дел од својата површина во текот на изминатиот век. Историските фотографии и документи покажуваат дека кон средината на 19 век, тој зафаќал површина од приближно 40 хектари. До 1946 година – кога научниците ги спровеле првите официјални мерења – неговата површина се намалила на само 14 хектари. Зорн, кој првпат го измерил ледникот во 2001 година, истакна дека брзината на промените го изненадила, дури и во децениите кога ледникот опстојувал подолго отколку што се очекувало. Местото каде што морал да стави дерези за да не се лизне, се поместувало од година во година, следејќи го повлекувањето на мразот.
„Топењето е неверојатно, во 2002 година извадивме ледено јадро за геохемиска анализа, кое беше длабоко околу пет метри. Веќе следната година стоев на истото место – но веќе не бев на мраз, стоев на карпа“, раскажа тој.
Триглав е највисокиот врв во Словенија и зазема посебно место во културата на земјата. Постои широко распространето верување дека секој човек во оваа земја на скијачи и планинари треба барем еднаш во животот да се искачи на оваа планина.
Иако глечерот исчезна, научниците открија мраз во пештерите под Триглав, откако повлекувањето на глечерот откри нови премини. Друг словенечки глечер, лоциран на планината Скута, исто така се намали и истенчи, но сепак, неговиот преостанат дел е подобро заштитен од сонцето отколку што беше глечерот на Триглав, па се очекува дека би можел да опстане уште неколку години.
Оваа година, Западна Европа го доживеа своето најжешко лето откако се води евиденција. Се проценува дека најмалку 50.000 луѓе починале како последица на горештините, додека последиците се прошириле и во други области – од уништени земјоделски култури до принудно запирање на работата на електраните. Научниците сè уште ја проценуваат големината на штетата нанесена врз екосистемите.












