Високите провизии за банкарски услуги и натаму претставуваат значителен трошок за граѓаните. Тие често реагираат дека одредени услуги, особено оние што редовно ги користат, треба да бидат бесплатни. Сепак, податоците објавени на веб-страницата „Провизии.мк“ покажуваат дека некои услуги кај одредени банки се бесплатни, додека кај други се наплаќаат, при што постојат значителни разлики во висината на надоместоците. Така, на пример, провизиите за трансфери во валути различни од еврото се движат од 15 до 2.300 денари.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, неодамна побара од банките да ги намалат провизиите за платежните услуги, а најави и можност за донесување закон со кој регулирањето на овие надоместоци би било во надлежност на Народната банка, доколку не се постигне договор со банкарскиот сектор.
– Ако цените на електричната енергија, на природниот гас, на снабдувањето со вода, на телекомуникациските услуги се регулирани, така ќе бидат регулирани и цените на платежните услуги – изјави Славески.
Според него, 18 отсто од нето-приходите на банките во 2024 година потекнувале од провизии. Тој оцени дека високите надоместоци за платежни услуги може да бидат пречка за користење на официјалните канали за плаќање, особено кај граѓаните со пониски примања, кои поради високите трошоци може почесто да користат готовина.
– Надоместоците за платежни услуги треба да бидат на разумно ниво. Треба да се намалат провизиите што ги плаќаат граѓаните и компаниите при користењето на платежните услуги. Целта е нивно поставување на ниво што ќе биде одржливо за банките, но истовремено и фер и прифатливо за корисниците – рече Славески.
Меѓу услугите за кои се бара намалување или целосно укинување на провизиите се одржувањето платежна сметка, електронското и мобилното банкарство, меѓубанкарското плаќање во денари, подигнувањето готовина од банкомати на други банки и користењето ПОС-терминали.
Но, банкарскиот сектор предупреди дека намалувањето на надоместоците мора да ги земе предвид и трошоците за обезбедување на услугите. Од Македонската банкарска асоцијација велат дека банките ќе треба да ги анализираат трошоците за секоја услуга поединечно.
Според податоците од „Провизии.мк“, надоместоците за банкарски услуги значително се разликуваат од банка до банка во зависност од услугата. Месечното одржување трансакциска сметка чини од 25 до 70 денари, додека за користење мобилна апликација во некои банки провизиите достигнуваат и до 80 денари.
Плаќањето преку мобилна апликација на сметка во истата банка е бесплатно кај повеќето банки, додека кај некои банки за оваа услуга се наплаќа провизија од пет денари. За меѓународните трансфери во евра преку СЕПА, за пример за трансфер од 1.000 евра, односно 61.500 денари, провизиите се движат од 60 до 620 денари. Кај трансферите во валути различни од еврото, надоместоците се движат од 15 до 2.300 денари. За прилив од странство тарифите достигнуваат до 615 денари.
Провизиите за извршување трајни налози се движат до 50 денари, додека членарината за дебитни картички до 360 денари. Сепак, кај некои банки годишната членарина за дебитна картичка може да достигне и 1.080 денари. За кредитните картички, прикажаните надоместоци се движат од 125 до 1.845 денари.
Дополнителен трошок за граѓаните може да претставува и подигнувањето готовина на шалтер, кое може да ги чини од 10 до 600 денари. Кај одредени услуги се применуваат процентуални провизии, со минимални и со максимални износи. Годишните каматни стапки за дозволено пречекорување, пак, се движат од 9,50 до 13,35 проценти.
Голем дел од граѓаните реагираат и на провизиите за проверка на состојбата на сметката на банкомат. Иако порано оваа услуга беше бесплатна, денес дел од банките ја наплаќаат, а висината на надоместокот и бројот на бесплатни проверки зависат од банката и од видот на картичката. Кај некои банки се дозволени три бесплатни проверки месечно, по што секоја следна се наплаќа по 20 денари.
Банките во Македонија во 2024 година оствариле профит од 283 милиони евра, што претставува раст од повеќе од 20 отсто во однос на претходната година. Во такви услови, прашањето за висината на провизиите и распределбата на трошоците за платежните услуги останува една од главните точки на спор меѓу регулаторот и банкарскиот сектор.
(А. С.)












