Ирена Јовева, пратеничка во Европскиот парламент од Словенија, упати остар одговор до словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој најави дека неговата земја нема да го поддржи напредокот на Србија кон Европската унија сè додека Белград не ги предаде архивите на поранешните југословенски безбедносни служби што се однесуваат на Словенија.
На социјалната мрежа „Икс“, Јовева сугерираше дека барањето на Јанша не е изнесено случајно, веднаш по победата на „Студентската листа“ на парламентарните избори во Србија.
„Грижата за архивите би била легитимна, доколку тајмингот не беше толку проѕирен. Јанез е тажен: откако го загуби Орбан, сега го загуби и Вучиќ – а во тие архиви се крие и неговото сопствено ‘црвено’ минато“, напиша Јовева.
Skrb za arhive bi bila legitimna, če ne bi bila tako prozorno tempirana. Janez je žalosten: po Orbanu je ostal še brez Vučića, v arhivih pa tiči njegova rdeča preteklost.
Srbija se je osvobodila, Slovenija se bo svojega kmalu. In Slovenija ne bo nikoli škodovala svobodni Srbiji.
— Irena Joveva (@IJoveva) October 27, 2026
Таа понатаму истакна дека и за Србија и за Словенија претстојат политички промени.
„Србија се ослободи, а наскоро истото ќе го стори и Словенија. И Словенија никогаш нема да ѝ наштети на слободна Србија“, наведе европратеничката.
Нејзината реакција следи по најавата на Јанша дека, иако Словенија би ја поздравила секоја одлука на новите српски власти за забрзување на преговорите за пристапување кон ЕУ, таа нема да даде согласност за каков било напредок сè додека Србија не ја достави бараната документација.
„Нема да дадеме согласност за никаков напредок сè додека Србија не ѝ ги испрати на Словенија сите архиви на УДБА, Службата за државна безбедност, Југословенската народна армија, Сојузниот секретаријат за внатрешни работи и другите служби на поранешна СФРЈ што се однесуваат на Словенија“, напиша Јанша.
Како што пренесува агенцијата „Бета“, словенечкиот премиер покрај својата објава сподели и текст од писателот Игор Омерза, во кој тој ја критикува европската комесарка за проширување, Марта Кос, поради тоа што ѝ честитала на „Студентската листа“ за победата.
Кос изјави дека вратата на Европската унија останува отворена за Србија, додека Омерза тврди дека прво треба да се отворат архивите на поранешните југословенски разузнавачки служби.
Размената на ставови меѓу Јовева и Јанша се случи два дена по парламентарните избори во Србија, на кои победи „Студентската листа“, ставајќи крај на долгогодишната доминација на Александар Вучиќ и Српската напредна странка. Зоран Јанковиќ, градоначалникот на Љубљана – долгогодишен пријател на Вучиќ – исто така ги коментираше изборите. Тој ѝ честиташе на „Студентската листа“ и истакна дека високата излезност покажала оти изборите биле вистинска прослава на демократијата.












