вторник, октомври 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ВРЕДНИ ФОТОГРАФСКИ СВЕДОШТВА ОТКРИЕНИ ПРЕД ЈАВНОСТА: Непознати кадри, а големи приказни за...

ВРЕДНИ ФОТОГРАФСКИ СВЕДОШТВА ОТКРИЕНИ ПРЕД ЈАВНОСТА: Непознати кадри, а големи приказни за Теодосиј Гологанов, Петар Поп Арсов, Петар Чаулев…

Пред очите на јавноста, првпат се покажа фотографијата од 1910 година, на која се гледа тогашниот скопски владика и еден од основачите на ВМРО, кои тогаш силно се бореа за возобновување на Охридската архиепископија како црква на Македонците и нивните други права. На снимката од 1917 година се гледа како револуционерот Петар Чаулев им се заблагодарува на жителите на охридското село Велгошти за помошта што му ја пружиле против српската војска. „Првпат се обидовме да го документираме нашето фотографско наследство кое досега останало надвор од вниманието на нашата историографија“ – наведува Диме Ратајковски, кој е еден од авторите на изложбата.

1

Ние, Македонците, немаме толку мака од Турците колку од Грците, Бугарите и Србите… Егзархијата во Македонија му ги одзема името на еден народ, мајчиниот јазик, сите национални белези и ги заменува со туѓи. Ние, духовниците, по потекло Македонци, треба да се здружиме и да го покренеме нашиот народ да се разбуди, да ги отфрли Патријаршијата и Егзархијата и да се обедини духовно во лоното на Охридската црква, вистинска мајка црква… Овој став, во 1891 година, го пишува тогашниот скопски митрополит Теодосиј Гологанов, чие име е врежано во македонската историја. Тоа е период во кој тој, иако е поставен од страна на Бугарската егзархија, во Скопје отворено и најдиректно работи на будењето на македонската национална свест и посебност. Покрај ова, посебно работи и на идејата за возобновување на Охридската архиепископија како црква на Македонците, и во тој период силно соработува со Петар Поп Арсов, еден од основачите на Македонската револуционерна организација, формирана на 23 октомври 1893 година во Солун. Поп Арсов во тој период работи како професор во Скопје и има исти заложби и заеднички цели со скопскиот митрополит во македонската национална и политичка борба. Записите за нивната соработка постојат, но сега, на светлината на денот излезе и досега непозната фотографија на митрополитот и револуционерот за која не се ни знаело дека постои.

Средба во манастирот „Свети Пантелејмон“

На изложбата „Револуција во кадар“ во МАНУ, авторите Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски, првпат ја претставија фотографијата на која, покрај другите, се гледаат владиката Теодосиј Гологанов и Петар Поп Арсов, историско сведоштво за нивната блискост и заеднички заложби.

– Фотографијата е исклучително вредна и е сликана во дворот на манастирот „Свети Пантелејмон“ во Нерези, во 1910 година, од непознат фотограф. Митрополитот седи во долниот ред во средина, а Поп Арсов стои во најгорниот ред, прв од лево со книга во рака. Тоа е дваесетина години откако во 1892 година Теодосиј Гологанов бил сменет поради свои промакедонски заложби, период во кој Бугарската егзархија барала нов скопски митрополит и кога Петар Поп Арсов, кој е тогаш управител на гимназиите, го повикува владиката Теодосиј да дојде од Бугарија каде што се наоѓал во Скопје за да одново биде избран. Досега не се знаело дали владиката дошол, но сега најдовме фотографска потврда дека и дошол и дека повторно зборувале за промакедонски заложби – објаснува Диме Ратајкоски за весникот ВЕЧЕР.

Двајцата, објаснува Ратајкоски, одново се залагаат за возобновување на Охридската архиепископија, имаат и нова идеја за формирање на македонско педагошко училиште, за тоа го повикуваат и Крсте Мисирков, но отпорот пак доаѓа од Бугарската егзархија која категорично се спротивставува на заложбите на овие македонски дејци.

Но, сведоштвото останало и сега е дел од околу шеесетина ретки и ексклузивни фотографии на македонски револуционери, воени единици, комити и други настани врзани за периодот од 1893 па до 1934 година, мошне важен за македонската историја. Ратајкоски и Апостолоски самоиницијативно ги наоѓаат фотографиите, ги откупуваат од колекционерите, од фотографските студија, вложуваат сопствени средства. Се со цел да се збогати и сочува македонската историја.

– Ова фотографија ја најдов кај еден приватен колекционер од Македонија. Тој ја нудел за откуп и на МПЦ-ОА но тие не покажале заинтересираност. Ја сфатив нејзината важност и таа е сега во мојата колекција покрај другите фотографии – ни кажува Ратајкоски.

Враќање на делови на историјата таму каде што и припаѓаат

И Душко Апостоловски, кој потекнува од Прилеп, а сега живее во Австралија, ни кажува дека на најразлични начини доаѓа до стари фотографии кои сведочат за историски моменти. И негова колекција брои неколку стотици вредни фотографии. Тој ни укажува на важноста на фотографијата на која се гледа македонскиот револуционер Петар Чаулев (во средина, со униформа) заедно со поголем број на жители на охридското село Велгошти. Апостолоски ни кажува дека таа фотографијата е буквално сон на секој колекционер, а е откупена од позната странска аукциска куќа и по повеќе од еден век конечно е донесена во Македонија. Се работи за оригинално дело на засега непознат охридски фотограф, направено во виорот на Првата светска војна, поточно во 1917 година.

– Оваа фотографија не е само обичен портрет, таа зад себе крие приказна за голема лојалност и благодарност. Имено, во ноември 1912 година, за време на Првата балканска војна, српската војска го зазема Охрид и ги затвора Петар Чаулев и неговите четници. По спектакуларното рушење на затворскиот ѕид во текот на ноќта, дел од четата бега во Албанија, но Чаулев и останатите четници наоѓаат спас и засолниште токму кај народот во селото Велгошти — место кое српските власти го сметале за главно јадро на македонските револуционери и поради тоа селото многу настрадало. Најверојатно, целта на оваа посета била лично да им се заблагодари на селаните за ризикот што го презеле и помошта што му ја пружиле при бегството во 1912 година. Оваа фотографија е вечен споменик на таа благодарност меѓу војводата и народот. Чаулев е еден од највлијателните и најконтроверзните македонски револуционери кој подоцна станува еден од тројцата потписници на историскиот мајски манифест од 1924 година – нагласува Апостолоски во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Меѓу вредните фотографии претставени на изложбата и откриени од овие двајца ентузијасти е и онаа од 1901 година, направена од непознат фотограф. На неа се преставени тогашните учители во Скопскиот револуционерен округ, меѓу кои и левичарот Панко Брашнаров, кој тогаш беше учител во Кумановско и десничарот Тодор Александров, тогашен учител во Кочани. Значајни се и фотографиите на војводите Петар Ацев, Марко Павлов. Иван Попов, како и на други револуционери, комити…

– Она што го работиме има пионерски карактер. Првпат се обидовме да го документираме нашето фотографско наследство кое досега останало надвор од вниманието на нашата историографија. Ова е мал придонес кон големата задача – наведува Диме Ратајковски.

И Апостолоски укажува на важноста на откривањето на старите фотографии.

– Кога купуваме и чуваме вакви фотографии, ние всушност, откупуваме делови од сопствената историја и ги враќаме таму каде што припаѓаат – во Македонија – нагласува Апостолоски. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ