Две нови хибридни возила доби јавното претпријатие „Стипион“, наменети за контрола на јавното паркирање во Штип.
Директорот на ЈП „Стипион“ – Штип, Панче Стефановски, истакна дека возилата ќе патролираат низ градот, а со помош на камери за видеонадзор и техничка опрема ќе се читаат регистарските таблички на паркираните автомобили.
Податоците во реално време ќе се испраќаат до софтверот на претпријатието, кој ќе евидентира дали возилата на паркинг-позициите имаат платено паркинг. Оние што немаат извршено наплата ќе бидат означени, по што ќе следуваат соодветни мерки.
– Возниот парк на ЈП „Стипион“ е зголемен за две нови возила во службена дејност јавно паркирање. Ова се модерни, економични и еколошки возила на хибриден погон, кои ќе патролираат во градот со помош на инсталирани камери за видеонадзор и техничка опрема, ќе ги читаат регистарските таблички и во реално време ќе испраќаат информации на софтверот, кои ќе ги евидентира и ќе издава информации кои од возилата на паркинг-позициите имаат или немаат платено паркинг. Оние возила што ќе немаат наплата на паркинг, ќе бидат маркирани – изјави Стефановски.
Тој посочи дека вредноста на оваа јавна набавка чини околу два и пол милиони денари.
–Планираме возилата во целост да ги ставиме во функција за околу две до три недели. Со нив, очекувањата се дека ќе се олесни работата на ЈП „Стипион“ во оваа дејност, со што ќе се зголеми и ефикасноста во работата. Во голема мера ќе се намали и влијанието на човечкиот фактор, а со тоа и можноста и за злоупотреби и непостапувања – додаде Стефановски.
Главните придобивки од реализацијата на оваа инвестиција се намален метеж во градот и повеќе достапни паркинг-позиции.












