Од Град Скопје велат дека не веруваат дека евентуалното опфаќање на ресорот Здравство со најавената реконструкција на Владата ќе влијае на одлуката за изградба на монтажните гаражи, со оглед на тоа што, како што потенцираат, процесот мора да продолжи и мора да биде надминат долгогодишниот проблем на сегашниот Клинички центар, во интерес на пациентите и на медицинскиот кадар. Оттаму додаваат дека е во финална фаза изработката на тендерската документација за проектот за поставување катни гаражи во рамките на Клиничкиот центар и оти е планирано тендерот за проектирање, набавка и монтажа на катните гаражи да биде објавен во првата половина на јули
Ќе се реши ли проблемот со паркирањето во кругот на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со изградба на монтажни паркинзи, со оглед на тоа што Владата најави изградба на нов клинички центар, за кој, како што изјави премиерот Христијан Мицкоски, се разгледува локацијата кај базенот на СЦ „Борис Трајковски“. По сите изгледи, овој жежок костен ќе го преземе новиот министер за здравство, бидејќи се во тек преговори за владина реконструкција, а се шпекулира дека постојниот министер, Азир Алиу, ќе оди на друга министерка позиција.
Од Град Скопје се оптимисти и велат дека не веруваат дека евентуалното опфаќање на ресорот Здравство со најавената реконструкција на Владата ќе влијае на одлуката за изградба на монтажните гаражи, со оглед на тоа што, како што потенцираат, процесот мора да продолжи и мора да биде надминат долгогодишниот проблем на сегашниот Клинички центар, во интерес на пациентите и на медицинскиот кадар.
– Анализирана е исплатливоста. Парите вложени во паркинзите ќе се вратат за две до три години. Така што не би имало никаков проблем околу градењето – образложуваат од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека е во финална фаза изработката на тендерската документација за проектот за поставување катни гаражи во рамките на Клиничкиот центар и оти е планирано тендерот за проектирање, набавка и монтажа на катните гаражи да биде објавен во првата половина на јули.
– Во овој момент, тендерот сè уште не е распишан, бидејќи се финализира целокупната документација, која е неопходна за спроведување на постапката. По завршувањето на тендерската постапка, ќе следува обезбедување на сите законски пропишани одобренија. Откако ќе се заврши со овие предуслови, ќе започнат изведбата и монтажата на катните гаражи, а по завршувањето, тие ќе бидат ставени во функција – објаснија градските власти.
Притоа, додаваат дека континуирано се работи на надградување и унапредување на системот за QR- кодот, при што истите непречено функционираат и се достапни за користење во секое време.
Инаку, во март годинава, министерот за здравство, Азир Алиу, и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, го потпишаа договорот за изградба на паркинзи во рамките на клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет.
Во првата фаза е предвидена изградба на две современи монтажни гаражи, со најмалку 500 паркинг-места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред сѐ, наменети за пациентите и за вработените во клиничкиот центар. Планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а другиот кај црквата во Клинички.
Тие најавија дека доколку има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг, а доколку се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни резиденти, ќе се овозможи и таква опција.
(А. П.)












