Украина го одби американскиот предлог за прекројување на административните граници на регионите Доњецк и Луганск. Овој потег ќе ѝ овозможи на Русија да прогласи контрола врз целиот Донбас, без притоа да мора да ги заземе градовите под украинска контрола, кои таа моментално сè уште се обидува да ги освои.
Предлогот беше изнесен од пратениците на Доналд Трамп и предвидуваше прилагодување на границите на овие два источноукраински региони, така што тие би се совпаѓале со моменталната територијална поделба долж линијата на фронтот, објави „Телеграф“ (The Telegraph), повикувајќи се на украински извор близок до преговорите.
Според предложениот договор, Москва би можела да тврди дека ја остварила својата цел – заземање на целиот Донбас – иако украинските сили би ја задржале контролата врз градовите што руските трупи не успеале да ги освојат.
Всушност, преостанатите територии под украинска контрола би останале надвор од новоисцртаните административни граници на регионите Доњецк и Луганск, пишува „Киев пост“.
Ова беше еден од неколкуте обиди да се надмине застојот во мировните преговори, а сепак, разговорите во Абу Даби се фокусираа на безбедносни гаранции и хуманитарни прашања, вклучително и размена на затвореници.
Русија бара Украина да отстапи приближно 5.180 квадратни километри територија во рамките на регионите Доњецк и Луганск – области што руските сили не успеаја да ги заземат. Киев, сепак, ја отфрла оваа идеја, што го оневозможи напредокот по прашањето кое се смета за главна пречка за постигнување мировен договор.
„Украинската делегација никогаш не разговарала за какви било територијални отстапки во однос на регионите окупирани од Русија. Украина никогаш нема да го прифати тоа. Ова отсекогаш бил нашиот став на преговарачката маса“, изјави украински извор за „Телеграф“.












