Специјализиран тим на Електродистрибуција открил уред со кој биле манипулирани две броила, поради што дел од потрошената електрична енергија не била регистрирана. Поднесена е пријава до МВР.
Казино на улицата Магистрален пат во Кичево неовластено користело електрична енергија со помош на уред за манипулација со фреквенции, набавен на црниот пазар. Случајот го открил Специјализираниот тим на Електродистрибуција, по претходни анализи на потрошувачката и следење на динамиката на користење на струјата.
При теренската контрола било забележано нетипично однесување на мерните уреди, како и абнормално зуење во мерниот ормар.
„Со извршените мерења е регистрирана фреквенција од 225 до 340 Hz, што претставува значително отстапување од стандардните 50 Hz. Користење на уред за манипулација со фреквенции, набавен на црниот пазар, со кој било овозможено влијание врз две броила и делумно или целосно нерегистрирање на реално потрошената електрична енергија“, информираат од Електродистрибуција.
За случајот бил составен записник за неовластено користење електрична енергија, а до Министерството за внатрешни работи била поднесена пријава за неовластено преземање струја.
Од Електродистрибуција изготвиле и две посебни фактури за надомест на штета за двете мерни места. Вкупниот износ што треба да се надомести е 2.722.798 денари.












