Двете собраниски комисии, Комисијата за финансирање и буџет (71. седница) и Законодавно-правната комисија (180. седница), денеска го усвоија и го проследија на натамошно донесување Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, кој се носи по скратена постапка.

Со предложеното законско решение се предвидува временска корекција на стапките на придонесите за периодот јуни–декември 2026 година, со цел, како што е наведено во образложението, зајакнување на финансиската стабилност на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, во услови кога Агенцијата за вработување располага со вишок на акумулирани средства. Во таа насока се предлага зголемување на стапката за придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување и истовремено намалување на стапката за придонесот за осигурување во случај на невработеност, при што предлагачите нагласуваат дека се работи за внатрешно прераспределување на приходите без промена на вкупниот придонесен товар.

Според законскиот предлог, вкупната стапка на придонеси останува непроменета и изнесува 28 проценти, со што, како што се посочува, не се зголемуваат трошоците за работодавачите по основ на придонеси. Со тоа се врши, како што стои во образложението, реструктуирање на приходите од задолжителното социјално осигурување во Буџетот, без влијание врз вкупната стапка која се применува при исплата на плати.

За платите што се однесуваат на периодот јуни–декември 2026 година се предвидува стапката за придонес за пензиско и инвалидско осигурување да изнесува 19,9 проценти, наместо досегашните 18,8 проценти, додека придонесот за осигурување во случај на невработеност се намалува на 0,1 проценти, од претходните 1,2 проценти. Придонесот за здравствено осигурување останува непроменет и изнесува 7,5 проценти, а придонесот за професионално здравје 0,5 проценти. Збирната стапка на придонеси останува 28 проценти.

Во законскиот текст се утврдува дека стапките ќе се применуваат почнувајќи од исплатата на платата за јуни 2026 година, заклучно со декември истата година, при што детално се регулираат и останатите компоненти на придонесниот систем, вклучително и стапките за различни основици и специфични категории на осигуреници, како и придонесите поврзани со повреди на работа и професионални заболувања.

Предлог-законот предвидува и посебни решенија за пресметка на придонесите за стаж со зголемено траење, при што се утврдени различни процентуални стапки во зависност од условите на работа и начинот на признавање на стажот.

Со усвојувањето во двете комисии, законскиот предлог е упатен во натамошна собраниска процедура, каде што се очекува да биде разгледан и на пленарна седница. Законското решение, како што се наведува, содржи и други системски одредби кои имаат за цел доуредување на начинот на пресметка и уплата на придонесите од задолжителното социјално осигурување.

ИЗДВОЕНИ