Комшилакот си имаше свои непишани правила. Се знаеше кој прави најдобар ајвар, кој секогаш има резервен клуч, кој прв притрчува на помош, но и кој најдобро знае што се случува зад соседската врата. Денес живееме малку поинаку. Се разминуваме во лифтовите, брзаме на работа и понекогаш со години живееме во иста зграда без да знаеме како се вика човекот од соседниот стан. Но, дали навистина го загубивме чувството за комшилак или само ни недостига добра причина повторно да се собереме? Токму на ова прашање, на свој необичен начин, се обидува да одговори „Комшилук“, културна иницијатива основана од Стефан Александар Јовановски, која изминативе години ги претвора македонските маала во места за уметност и за дружење. Идејата е едноставна: наместо да одат луѓето во концертни сали и во театри, уметноста доаѓа кај нив: во нивните дворови, пред нивните згради, на нивните балкони, па понекогаш и во нивните дневни соби. А комшиите? Тие стануваат домаќини

Се сеќавате ли на времето кога комшиите си ги чуваа децата, си позајмуваа шеќер и си оставаа клуч од станот кога ќе заминеа на одмор? Кога задолжително се носеше тегла ајвар од новата тура кај соседите, а родителите дознаваа за детските палавштини уште пред да се вратат децата дома? Тој дух на комшилакот денес, можеби, поретко се среќава, но една скопска културна иницијатива покажува дека сè уште има луѓе подготвени да ги отворат своите врати за соседите, па дури и да ги претворат сопствените балкони во уметнички сцени.

Комшилакот си имаше свои непишани правила. Се знаеше кој прави најдобар ајвар, кој секогаш има резервен клуч, кој прв притрчува на помош, но и кој најдобро знае што се случува зад соседската врата.

  Денес живееме малку поинаку. Се разминуваме во лифтовите, брзаме на работа и понекогаш со години живееме во иста зграда без да знаеме како се вика човекот од соседниот стан.

Но, дали навистина го загубивме чувството за комшилак или само ни недостига добра причина повторно да се собереме?

Токму на ова прашање, на свој необичен начин, се обидува да одговори „Комшилук“, културна иницијатива основана од Стефан Александар Јовановски, која изминативе години ги претвора македонските маала во места за уметност и за дружење. Идејата е едноставна: наместо да одат луѓето во концертни сали и во театри, уметноста доаѓа кај нив: во нивните дворови, пред нивните згради, на нивните балкони, па понекогаш и во нивните дневни соби. А комшиите? Тие стануваат домаќини.

„Може ли да го користиме вашиот простор?“

Вака најчесто почнува приказната за еден нов настан на „Комшилук“. Организаторите доаѓаат во населбата, разговараат со жителите и ги прашуваат дали би сакале нивниот двор, прозорец или балкон да стане дел од уметничката програма.

Можеби, на прв поглед изгледа како необично барање. Замислете некој да ви затропа на врата и да ве праша дали може да настапи музичар на вашиот балкон, а во дворот да се соберат десетици непознати луѓе.

Но, токму во тој момент почнува вистинскиот комшилак.

– Се запознаваме со средината, ги покануваме жителите да учествуваат и заедно создаваме настан во кој нивните простори стануваат сцена, а тие – домаќини на програмата – објаснува Јовановски.

Тој додава дека учеството на домаќините не завршува со отстапувањето на просторот.

– Следуваат подготовките, средувањето на дворот, пречекувањето на гостите, а неретко и послужувањето со нешто домашно. На еден ден, нивниот приватен простор станува место за средба со луѓе што, можеби, никогаш претходно не ги виделе – објаснува Јовановски.

На овој начин, „Комшилук“ досега има развиено програми во Железара, Шуто Оризари, но и во селото Побожје, Струга и во Битола. Секое место донело поинакви приказни, а програмата се создавала во соработка со жителите наместо да се повторува однапред подготвен концепт.

Како еден од најинтересните примери, од „Комшилук“ ја издвојуваат  годинашната „Травијата во три чина“, инспирирана од познатата опера на Џузепе Верди, која беше изведена во црвените згради во скопската населба Железара.

– Таму, Виолета и Алфредо ја живееја својата љубовна приказна пред очите на целото маало. Оперските арии се мешаа со македонски евергрини, музичарите свиреа од различни балкони, а соседите од прозорците коментираа за љубовните маки на главните ликови. Наместо трагичниот крај на оригиналната опера, македонската верзија заврши со свадба, трубачи и со оро меѓу зградите. На крајот, Виолета и Алфредо си заминаа со лимузина, а маалото продолжи да слави. Иако стануваше збор за уметнички перформанс, атмосферата потсетуваше на вистинска маалска прослава, на која соседите се собираат без посебна покана – раскажува Јовановски.

Годинава, слична приказна се случи и во селото Побожје. Таму „Комшилук“ организираше целодневен настан, со уметничка програма распоредена по дворовите на жителите. Наместо една централна сцена, посетителите се движеа низ селото, запознавајќи ги неговите простори и домаќини.

– Токму во тоа се состои особеноста на иницијативата. Уметничката програма е повод за да се сретнат луѓето, но она што останува по завршувањето на настанот се новите познанства, разговорите и искуството дека заеднички може да се создаде нешто убаво – нагласува Јовановски.

Европски признанија

Она што почна како идеја за оживување на соседството во Железара, со текот на годините доби меѓународно признание.

Во Париз, „Комшилук“ беше награден во рамките на „Арт- експлора“, за придонес во зголемувањето на пристапноста до културата. Во Брисел, проектот „Травијата во три чина“ ја освои наградата „Нов европски Баухаус“ за 2026 година, во категоријата „Ѕвезди во подем“. Иницијативата доби признание и од Општина Гази Баба, по повод нејзиниот 50-годишен јубилеј.

– Но, зад овие награди стои нешто многу поблиско до секојдневниот живот од големите европски културни сцени: односот меѓу двајца соседи – вели Јовановски.

За него и за тимот на „Комшилук“, комшилакот има многу поголемо значење од заедничката адреса. Тоа е, како што наведуваат, средина во која учат луѓето да се почитуваат, да преземаат одговорност и да живеат едни со други.

– За нас, комшилакот е најмалата и најблиска единица на општеството, место каде што секојдневно учиме како да  живееме едни со други. Веруваме дека добриот комшија значи и добар граѓанин – нагласува Јовановски.

Токму затоа од, „Комшилук“ веруваат дека може да почнат промените во општеството од најмалите заедници. Од соседите, кои заедно ќе организираат настан, ќе се договорат како да го користат заедничкиот простор или едноставно ќе покажат поголема грижа едни за други.

Иако фестивалските настани траат еден ден, нивната идеја е да ги поттикнат луѓето и понатаму да комуницираат и да соработуваат. Интересот за вакви програми веќе ги надминува местата во кои гостувал „Комшилук“ досега. Според организаторите, пристигнале десетици покани од градовите низ Македонија и од регионот и тимот веќе истражува нови локации и приказни за следната година.

Можеби, денес поретко тропаме на соседската врата за да позајмиме шеќер. Можеби, веќе не знаеме кој прави најдобар ајвар во зградата, а некои од соседите ги препознаваме само по звукот на чекорите на скалите. Но, искуството на „Комшилук“ покажува дека комшилакот сè уште има што да ни понуди. Понекогаш се потребни само една добра идеја и некој што ќе се осмели да праша: „Комшија, може ли да ни го отвориш дворот?“

А, можеби, токму така почнуваат и најубавите соседски приказни.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ