Весник и читател. Спој и врска што се воспоставиле веднаш откако во светот, како што е забележано, во 1605 година, во Стразбур, се појавил првиот печатен весник. Тоа е однос на меѓусебно давање и примања на најдоброто и највредно. Весниците и сите оние што стојат зад нив информираат, едуцираат, забавуваат, откриваат нови видици… читателите, пак, го примаат сето тоа со наклоност и со доверба, градени со години и години, во текот на кои се проследени настани од баналното секојдневие, па сè до оние што го потресуваат светот. И весникот ВЕЧЕР, по своите 63 години од излегувањето, може да се пофали и да се гордее со такви врски со своите читатели. Илјадници читатели во изминативе години го градеа тој однос со својот весник, за кој се имаат определено во конкуренција на бројни други. А кога ќе се избере весник, тогаш тој станува повеќе од триесетина печатени страници што се купуваат за одредена сума пари. Станува навика, станува секојдневие, ритуал, уживање и задоволство без кое не може да помине денот и кое прави тој да биде исполнет со нови знаења.
Таква една врска постои меѓу ВЕЧЕР и неговиот редовен, секојдневен читател, Благоја Бошкоски-Окото од Прилеп. Овој 79-годишен пензионер е познат во градот како поранешен секретар на градскиот Медицински центар и на прилепското Здружение на возачи, но и како публицист, општественик и хуманитарен работник и не може да го почне секој нов ден без својот примерок на ВЕЧЕР.
– Имав само седумнаесет години во далечната 1980 година, кога почнав редовно да го следам весникот, значи, веќе цели 46 години. Прво беа љубопитството, навлегувањето во светот на сериозните работи што ги носат весниците. Па така, и ден-денешен секој ден го купувам весникот или во киоскот на газда Кире или во дуќанот „Футура“ во централното подрачје на Прилеп. И тогаш и сега, весникот ме освои како весник без кој не можам. Ми стана дел од секојдневието, нешто без што не можам. Му приоѓам со одреден ритуал, кој подразбира утринско излегување од дома, купување на весникот, пиење кафе во градот и враќање дома. Меѓутоа, со читањето на весникот почнувам дури по 14:00 часот, по ручекот, како задоволство за кое сакам да бидам особено концентриран за да уживам во него. Тоа уживање трае околу два часа, оти препрочитувам некои статии и весникот практично ми стана семеен другар – ни вели Благоја за своето дружење со весникот.
Ни вели и дека содржините биле решавачки за тоа што се определил во Прилеп за весник кој важел за „скопски“ и во кој особено биле застапени содржини од метрополата.
– Се пронајдов во она што го нуди ВЕЧЕР. Тој, како весник, најмногу одговара на моите критериуми што е тоа што го барам во еден весник. Сакам пократки статии, прикаски од животот на луѓето, хумор, тематски политички и економски статии, колумни… Сите содржини ми одговараат, но има некои што ми се особени. На пример, уживам во колумните на Зоран Крстевски, кои ги сечам и ги чувам, во статиите на Марко Китески од областа на религијата, но и во статиите што се објавуваат во рамките на скопската страница, за светската политика, за економијата, за политиката, за културата, за спортот, но и во хороскопот, вицотеката, последната страница… Квалитетот на статиите е одличен и има многу за читање. Се вели дека секогаш може подобро, но за наши македонски услови, она што го нуди весникот е одлично. По мои критериуми, мислам дека имате многу работи за читање, кои ги имало и порано, и во целина весникот е супер, одличен – наведува овој наш редовен читател.
Благоја вели дека се чудат неговите сограѓани како уште некој чита весници, му велат: „Уште ли читаш весници?“, „Зошто ти е весникот, имаш сè на телефон?“. Но, тој не се откажува.
– Не може денешната технологија да го замени весникот. Вистинскиот читател ќе го најде сè што треба во весник. Чувството и реалноста на информациите во весникот се кредибилни, знаеме дека работат цел тим новинари и други на тие информации. На напредната технологија не може толку да ѝ се верува како на весникот. Знам дека технологијата го загрозува опстојувањето на весниците, но убеден сум дека ќе преживеат весниците, оти тоа што се случува со читањето преку телефон е еден вид еуфорија, која ќе помине еден ден. Она особено чувство што го предизвикуваат држењето и читањето весник. Гледаме дека преживува читањето книги, така ќе биде и со весниците – нè охрабрува редакцискиот пријател и поддржувач.
Ни кажа дека сè додека може, ќе се дружи со својот ВЕЧЕР и дека чувството што го има секој нов ден, кога го зема новиот примерок на весникот, е исто како и првиот ден. Тоа, извесно, е и најголемата гаранција дека, во овој македонски дел од историјата на постоењето на весниците, и натаму ќе трае и ќе опстојува врската меѓу нив и нивните читатели, како првиот ден. (Б. Ѓ.)
Најубавите приказни се во народот
Тој има и совети како да се унапреди весникот.
– Добро е тоа што уште сега, по квалитетот, многу предничите пред другите весници. Имате разновидност од теми, кои ги обработувате од сите аспекти. Продолжете така, комуницирајте повеќе и со младите генерации за и кај нив да го разбудите интересот за читање. И натаму бидете свртени кон обичниот човек, неговите проблеми и потреби, со различни приказни. Не мора постојано да се пишува за политика. Во народот се најубавите приказни, и за пензионерите и за младите. На тој начин ќе се изборите за иднината, а тоа ќе биде и на задоволство на читателите – нагласува Благоја Бошкоски-Окото.












