– И годинава сведочиме за едноставноста и скромноста на маговите на зборот, кои рецитираат небаре водат битка на живот и смрт, нè тревожат или галат, отвораат универзуми, нè соочуваат со болните вистини, нè фрлаат или спасуваат од водите на Дрим, небаре јагули желни за Саргасовото Море, нè учат и поттикнуваат на непокор, слобода, пркос, чувствителност и мудрост – истакна авчеравечер од Струга претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, прогласувајќи ги за отворени јубилејните 65. „Струшки вечери на поезијата“

 

– Струга е најпоетскиот град на планетава, градот што живее од емотивни изблици и со нив, во кој песните креираат слики на радост и тага, плач и смеа, еднината станува множина, односно дело и култура. Веќе 65 лета, овој поетски дом поврзува меридијани, го соединува и обединува светскиот поетски сој со љубителите и почитувачите на убавата реч во старата, но витална струшка бунтовна република на поетите, кои се борат за подобар и похуман живот… И годинава, сведочиме за едноставноста и скромноста на маговите на зборот, кои рецитираат небаре водат битка на живот и смрт, нè тревожат или галат, отвораат универзуми, нè соочуваат со болните вистини, нè фрлаат или спасуваат од водите на Дрим, небаре јагули желни за Саргасовото Море, нè учат и поттикнуваат на непокор, слобода, пркос, чувствителност и мудрост – истакна вчеравечер од Струга претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, покровителка на фестивалот, прогласувајќи ги за отворени јубилејните 65. „Струшки вечери на поезијата“.

На официјалното отворање, традиционално беше запален фестивалскиот оган и беше прочитана Константиновата „Т`га за југ“, а Домот на поезијата во Струга стана дом на поетите од сите поетски меридијани, испраќајќи порака дека поезијата и денес има моќ да обединува, да инспирира и да го брани човечкото достоинство. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, пак, истакна дека „Струшките вечери на поезијата“ претставуваат една од најуспешните културни приказни на современа Европа.

– Тежината на оваа манифестација не лежи во нејзиното времетраење, туку во влијанието што го оставила врз современата светска поезија. Вистинската вредност се наоѓа во фактот што овде, од година на година, се потврдува достоинството на различноста. Поезијата отсекогаш била еден од најсигурните начини на кои човештвото разговара со својата совест. Во стихот се зачувани стравовите и надежите на епохите, сеќавањата на народите и вечната човечка потрага по смисла. Оттаму произлегува и нејзината трајна вредност: таа не нуди готови вистини, туку го проширува хоризонтот на нашето разбирање за светот и за самите себе – истакна министерот Љутков.

За поезијата на лауреатот на 65. „Струшки вечери на поезијата“, холандската поетеса Анеке Брасинга, тој посочи дека ја истражува границата меѓу видливото и невидливото, меѓу секојдневието и тајната што живее зад него.

Директорот на „Струшки вечери на поезијата“, Никола Кукунеш, пак, посакувајќи им топло добредојде на поетите во Струга, забележа дека во ерата на дигитална глобализација сме соочени со нов, тивок, егзистенцијален предизвик и оти големите јазици се сериозна закана за малите.

– Со гаснењето на еден мал јазик, не исчезнуваат само неколку илјади збора од некој речник. Умира еден уникатен начин на кој се набљудува светот. Се брише една уникатна нијанса на залезот, која само на тој јазик може да се именува, испаруваат една специфична тага и една автентична радост. Не верувам дека постои несогласување околу фактот дека малите јазици се чувари на уникатните кодови поврзани со душата, кои, доколку исчезнат, ниту еден голем јазик нема да може да ги преведе, замени или надомести – подвлече Кукунеш.

На јубилејните 65. „Струшки вечери на поезијата“, кои годинава се одржуваат од 24 до 29 јуни, под мотото „Каде што живее поезијата“, учествуваат околу 70 поети, критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и од странство. Покрај добитничката на „Златниот венец“, Анеке Брасинга од Холандија, и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Даниел Хајндс од Обединетото Кралство, учествуваат и еминентни поети од: Македонија, Грција, Турција, Мексико, Шпанија, Кина, Италија, Монголија… Учеството на поетите од голем број земји го потврдува меѓународното реноме на оваа манифестација.

Инаку, отворањето на јубилејното 65. издание на „Струшките вечери на поезијата“ се одржа на 24 јуни, токму на датумот кога се одбележаа 165 години од објавувањето на „Зборникот на народни умотворби“ од браќата Миладиновци (објавен на 24 јуни 1861 година во Самобор, во близина на Загреб, Хрватска). Токму тоа е и една од причините поради кои се поместува месецот на одржување на фестивалот.

Годинашната програма, освен меѓународни поетски читања, опфаќа и: промоција на 12 публикации од издавачката дејност на СВП, како луксузната тријазична монографија со избор од творештвото на Брасинга; поетски читања на авторите од потесниот избор за годинашната награда „Браќа Миладиновци“; портрет на минатогодишната добитничка, Јулијана Величковска, и промоција на книгите од едицијата „Плејади“ и на книгата со интервјуа „Венецоносци – разговори на брегот“ од Диме Ратајкоски. Дел од настаните е и промоција на фестивалската антологија „Кој е кој – поезија од пет континенти“, како и на две книги на поетите од платформата „Версополис“, поддржани од „Креативна Европа“.

Поетскиот портрет на Брасинга ќе се одржи в сабота, во црквата „Света Софија“ во Охрид. Официјалното затворање на манифестацијата е со меѓународно поетско читање и свечено врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ на Мостот на поезијата. (Д. Т.)

 

Легенда: Лауреатката Анеке Брасинга

 

ИЗДВОЕНИ