Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство бараат мораториум на свеченостите, конференциите и промотивните настани во рамките на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Наместо симболични пораки, бараат итни законски измени, истраги за институционалните пропусти, буџети и конкретни мерки за заштита на жените.
Седум фемициди од почетокот на годинава, седум изгубени животи и институции кои, и покрај претходните пријави за насилство, не успеале да ги заштитат жртвите. Со оваа порака три граѓански организации бараат годинашните „16 дена активизам против родово базирано насилство“ да не се претворат во уште една серија конференции, свечености и симболични кампањи, туку во 16 дена институционална одговорност и конкретни одлуки.
Во отворено писмо до Владата, Собранието, меѓународните организации, амбасадите и јавноста, Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство бараат мораториум на сите протоколарни, свечени и промотивни настани во рамките на кампањата.
„Доста е од осветлување згради во портокалово додека жените ни умираат. Доста е од фотографирање во хотели и свечени сали, од говори за нулта толеранција и од симболични кампањи кои не го менуваат секојдневието на жените што живеат во страв“, порачуваат организациите. Во писмото наведуваат дека дел од убиените жени претходно пријавувале насилство и барале помош токму од институциите кои имале обврска да ги заштитат.
„Портокаловата боја не спасува животи. Институциите треба да спасуваат животи. Жените во Македонија не треба дополнително да се освестуваат дека постои насилство. Тие го живеат. Го пријавуваат. Бегаат од него. Се обидуваат да ги заштитат своите деца. И премногу често остануваат сами пред систем кој доцни, молчи или не постапува“, се наведува во отвореното писмо.
Организациите бараат итна, независна и темелна истрага за постапувањето на институциите во сите случаи на фемицид, особено во оние во кои претходно било пријавено насилство. Бараат да се утврди индивидуалната и институционалната одговорност и секое непостапување да има последици.Меѓу барањата е и итно усвојување на законските измени за заштита од насилство врз жените и семејно насилство, вклучително и регулирање на итните мерки за заштита и употребата на посебни електронски уреди, односно алки за следење.
„Недозволиво е законски решенија од кои зависат човечки животи да чекаат поради политички и идеолошки пресметки“, наведуваат трите организации.

Посебно бараат обезбедување буџет и стручни кадри за полицијата, центрите за социјална работа, обвинителствата, судовите и здравствените установи, како и стабилно јавно финансирање на засолништата, кризна интервенција, психосоцијална и правна помош за жртвите и услуги за нивните деца. Од Владата и Собранието бараат јавен и обврзувачки план со јасно определени задолженија на институциите, рокови, обезбедени средства и мерливи резултати, за јавноста редовно да биде информирана што е направено и кој сноси одговорност.
Повик упатуваат и до Обединетите нации, Европската Унија, ОБСЕ, амбасадите и меѓународните донатори да не бидат само присутни на конференции и кампањи, туку да го искористат својот политички авторитет за да побараат одговорност од институциите и средствата да ги насочат кон услуги што можат да спасат животи.
„Ова не е повик да престанеме да зборуваме за насилството. Ова е повик да престанеме само да зборуваме“, порачуваат организациите, предлагајќи годинашните „16 дена активизам“ да станат 16 дена во кои ќе се носат одлуки, ќе се усвојуваат закони, ќе се обезбедуваат буџети и ќе се преземаат конкретни обврски.
„Не прифаќаме повеќе комеморации како замена за заштита. Не прифаќаме повеќе молчење како замена за одговорност. Не прифаќаме повеќе декларации како замена за дела. Доста е. Не чекаме осма жртва“, завршуваат во отвореното писмо.(П.А.)










