среда, ноември 11, 2026
Дома БАЛКАН Бугарија завиена во црно: Прогласен ден на жалост по страшните верижни судири,...

Бугарија завиена во црно: Прогласен ден на жалост по страшните верижни судири, лекари се борат за животот на повреден маж

1

Денеска е ден на национална жалост во Бугарија, по тешките верижни судири со учество на повеќе возила, кои се случија вчера на автопатот „Тракија“, во близина на Јамбол. Според Бугарската телеграфска агенција (БТА), во несреќите загинаа 11 лица, а десетици други се повредени.

Одлуката за прогласување ден на жалост беше донесена од бугарската влада на седницата одржана на 10 ноември, во спомен на жртвите од трагедијата кај клучката „Зимница“.

Владата изрази сочувство до семејствата на жртвите, а знамињата пред државните институции денес се спуштени на половина копје.

Два големи верижни судири се случија во вторникот наутро, околу 07:00 часот, во услови на исклучително густа магла. Во судирите учествуваа вкупно 86 возила, вклучувајќи патнички автомобили и камиони. Според Бугарското национално радио, повредени се 51 лице, од кои 13 се здобиле со тешки телесни повреди.

Додека Бугарија им оддава почит на жртвите, медицинските екипи продолжуваат со лекување на повредените во болниците во Сливен, Јамбол и Бургас.

Според последните информации од бугарскиот медиум bTV, 18 лица остануваат на болничко лекување во болницата „Д-р Иван Селимински“ во Сливен. Четири пациенти се сместени на одделот за интензивна нега, додека еден маж е во особено критична состојба, опасна по живот.

Тој се здобил со бројни повреди на главата, градниот кош и стомакот, вклучително и скршеници на повеќе од десет ребра.

Поради сериозноста на повредите, тој бил подложен на хируршка интервенција, при што му била отстранета слезината и била санирана повреда на црниот дроб.

Од останатите пациенти, петмина се на одделот за неврохирургија, четворица на ортопедија, а другите се лекуваат на одделот за максилофацијална хирургија.

По трагедијата, беше организирана акција за доброволно дарување крв за повредените во верижните судири. Според bTV, 77 граѓани во Сливен веќе дарувале крв, а акцијата продолжува и денес. Големиот број повредени наложи мобилизација на дополнителен медицински персонал и организирање итна грижа за пациентите. Во спасувачките напори учествуваа полициски службеници, пожарникари, медицински екипи, војската и волонтери на Црвениот крст.

Две верижни несреќи се случија речиси истовремено на спротивните коловозни ленти на автопатот „Тракија“.

Според извештаите на бугарските медиуми, 63 возила се судриле во правец кон Бургас, додека уште 23 возила биле вклучени во несреќата во спротивниот правец, кон Софија. Густата магла и влажниот коловоз значително ги отежнаа условите за возење, а надлежните органи продолжуваат да ги истражуваат сите околности што довеле до трагедијата.

ИЗДВОЕНИ