понеделник, јуни 15, 2026
Дома КУЛТУРА „Струшките вечери на поезијата“ годинава од 24 до 29 јуни

„Струшките вечери на поезијата“ годинава од 24 до 29 јуни

16

Пет поетски книги се во конкуренција за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, која ја доделува фестивалот „Струшки вечери на поезијата“. Жири-комисијата едногласно ги избрала следниве наслови: „Меко трње“ од Марија Ангеловска (Скопје: „ПНВ Публикации“, 2026),  „Во куќата“ од Николина Андова-Шопова (Скопје: „Бегемот“, 2026), „Длабок простор“ од Зоран Анчевски (Скопје: „Арс ламина“, 2026),  „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска (Скопје: „Слово“, 2026), и  „Болна земја“ од Братислав Ташковски (Скопје: „Матица македонска“, 2026).

На годинашниот конкурс за наградата „Браќа Миладиновци“ се пријавиле 35 автори со вкупно 37 поетски книги објавени меѓу две фестивалски изданија.

Како што соопштија од СВП, жири-комисијата, согласно со Правилникот за наградата, продолжува да работи во тајност до донесувањето на конечната одлука. Поетите од потесниот избор ќе имаат свое претставување на одделен настан на фестивалот, пред официјалното соопштување на добитникот, кое ќе биде на 26 јуни, во 12:30 часот. Наградената книга, покрај парична награда, добива и објавување на книгата во превод на англиски јазик, промоција и портрет на следното издание на „Струшките вечери на поезијата“.

Фестивалот, за разлика од традиционалното одржување во август, оваа година ќе почне на 24 јуни со традиционалното садење дрво во Паркот на поезијата од страна на годинашниот добитник на наградата „Златен венец на СВП“, Анеке Брасинга од Холандија. Официјалното отворање ќе биде вечерта во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, со почеток во 20:30 часот.

Фестивалот ќе трае до 29 јуни и ќе се одржи под фестивалското мото „Каде што живее поезијата“, кое е сообразено и со целокупниот визуелен концепт изготвен од креативниот тим на СВП, преку кој се посочува на кревкоста на традицијата и културата, но и на нејзината особеност и на трајноста на зборот.

– За јазикот како куќа на поезијата, за внатрешното и светогледите, за идентитетите и разноликоста – сето ова е одразено и низ целокупната програма на „Струшките вечери на поезијата“, кои годинава одбележуваат 65 години од своето постоење – соопштуваат од поетската манифестација.

ИЗДВОЕНИ