Светското првенство во САД, Канада и во Мексико носи возбудувања на теренот, но и сè поголеми критики кон организаторите. Еден од ретките што јавно проговори е легендарниот германски тренер Јирген Клоп, кој остро ја нападна одлуката на ФИФА за задолжителни паузи за хидратација.
ФИФА воведе две триминутни паузи во текот на секој натпревар, образложувајќи ја мерката со потребата играчите да се заштитат од високите температури. Сепак, Клоп смета дека вистинската причина е сосема поинаква.
- Фудбалот е киднапиран од луѓе што се кријат во климатизирани канцеларии. Додека ги гледам играчите како стојат покрај теренот за ТВ-тајмаути и со тоа го нарушуваат ритамот на натпреварот, се прашувам за кого е ова Светско првенство? За навивачите, за играчите или за оние што се рекламираат? – изјави Клоп.
Германецот нема ништо против ваквите прекини кога се екстремни временските услови, но смета дека нивната примена на секој натпревар е претерана. Како пример го наведе дуелот меѓу Австралија и Турција во Ванкувер, каде што температурата била околу 22 Целзиусови степени, а, сепак, бил направен задолжителен прекин.
- Натпреварите на Светското првенство треба да течат како река, а не да се градат брани на средината за да може да „поминуваат“ рекламите. Фудбалот порано беше главниот настан, а сега станува музика во заднина за рекламните блокови – додаде Клоп.
Поддршка на неговите ставови даде и селекторот на САД, Маурисио Покетино.
- Не ми се допаѓаат тие паузи. Ако условите се навистина екстремни, тогаш има смисла. Но кога е идеално времето за игра, не гледам никаква потреба од нив – истакна Покетино.
Темата за задолжителните паузи станува една од најконтроверзните на турнирот, а критиките од познатите фудбалски имиња отвораат сериозна дебата дали здравјето на играчите навистина е главната причина или маркетиншките интереси имаат поголема улога за оваа одлука.











