петок, октомври 30, 2026
Дома СВЕТ Страв од „француско сценарио“ во Германија: Повеќе 130.000 млади луѓе се подготвуваат...

Страв од „француско сценарио“ во Германија: Повеќе 130.000 млади луѓе се подготвуваат за масовни протести?

134
EPA/FIRAS ABDULLAH

По интензивните протести и немири што ја потресоа Франција, германските власти со загриженост го очекуваат претстојниот викенд. Иницијативата „Gen-Z regelt“ („Генерацијата З презема иницијатива“) најави масовни протести на млади луѓе во 23 градови. До вторникот, за учество се пријавиле околу 134.000 луѓе.

Додека конзервативните политичари од ЦДУ (CDU) предупредуваат дека меѓународно поврзани левичарски екстремисти и насилни групи би можеле да ги „преземат“ протестите – слично на она што се случи во Франција – социолозите истакнуваат дека германските протести се организирани, уредно пријавени и насочени кон мирно изразување на незадоволството, пишува „Дојче веле“.

Александер Тром од ЦДУ предупреди дека сцени како оние видени во Франција мора да се „спречат по секоја цена“. Неговиот партиски колега, Марк Хенрихман, се надоврза на ова, наведувајќи дека „левичарските екстремисти склони кон насилство дури ги преминуваат и државните граници за да учествуваат во грабежи и да вршат насилни кривични дела“.

Сепак, младите Германци – оние родени помеѓу 1995 и 2010 година – тврдат дека се собираат поради длабоко вкоренето незадоволство од состојбата во општеството, почнувајќи од влошувањето на образовниот систем и намалувањето на бројот на наставници, па сè до дотраените училишни згради и отсуството на мерки за справување со климатските промени.

„Многумина се крајно фрустрирани. Она што ни е заедничко на сите е тоа што нашето трпение – кога станува збор за образовниот систем – е при крај“, предупредува 19-годишниот ученик Квентин Гертнер, поранешен претседател на Сојузната конференција на ученици, во изјава  за „Дојче веле“. Тој додава дека политичарите, во трката да обезбедат гласови од постарото гласачко тело, целосно ги занемаруваат потребите на младите луѓе.

Политичарите од опозицијата го делат ова мислење. Феликс Банашак, претседател на партијата „Зелени“, изјави дека „меѓугенерацискиот општествен договор повеќе не функционира“, нагласувајќи дека постарите генерации ја довеле климатската политика во ќорсокак, додека младите се соочуваат со високи трошоци за домување и нови воени обврски. И покрај загриженоста во политичкото раководство во врска со можни немири, организаторите и експертот Себастијан Коос од Универзитетот во Констанц посочуваат дека младите во Германија се водени од фрустрација од системот, а не од желба за насилство. Сепак, тој не ја исклучува можноста екстремистички групи да ги искористат законски пријавените протести за да предизвикаат нереди.

„Полицијата и надлежните органи секако мора да бидат добро подготвени“, предупредува Коос во изјава за DW.

ИЗДВОЕНИ