Фото: Државен Архив
Во 5.17 часот, градот се разбуди во тишина што следеше по најсилниот татнеж. За само дваесетина секунди, исчезнаа улици, домови, спомени и човечки животи. Илјадници семејства останаа без покрив, а цели маала беа претворени во урнатини.
Се урна едно безгрижно Скопје, она со долгите летни вечери, со прошетките по Корзо, игранките, ручеците во Кермес и Маргер, животот што течеше мирно покрај Вардар. По 26 јули, ништо повеќе не беше исто.

Од пепелта и болката, се роди нешто величествено. Светот подаде рака, ги сруши бариерите и го прегрна ранетото Скопје. Токму тука, на овие урнатини, се роди светската престолнина на солидарноста, доказ дека хуманоста нема граници кога е најтешко.

Старото Скопје остана да живее во фотографиите, документите и сеќавањата што денес ги чува Државниот архив, како сведоштво за еден град, живот и луѓе, град кој иако ранет, најде сила повторно да се издигне и никогаш не беше заборавен.

Во спомен на жртвите. Во чест на преживеаните и на сите кои помогнаа да се изгради одново. Во име на Скопје, градот што никогаш не престана да се бори.















