Жестоки расправии околу тоа што е талогот во општеството и барања да запре навредувањето со ваквиот термин ја обележаа денешната седница на македонското Собрание посветена на пратеничките прашања. Народните избраници, очигледно, не одолеаја да останат настрана од меѓупартиските пресметки на најголемите партии од власта и од опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во кои употребата на терминот „талог“ стана главна тема последниве недели. Препукувањата почнаа откако пратеничката на опозицискиот СДСМ, Јованка Тренчевска, постави пратеничко прашање врзано за однесувањето на актуелниот министер за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, и околу неодамнешните жестоки расправии во Парламентот. Министерот Стоилковиќ не беше присутен на седницата поради други обврски, но тоа не ја спречи пратеничката да упати жестоки обвинувања.
– Навредите талог, мекотели, медиокритети… тоа е пример како се однесуваат највисоките државни функционери кон граѓаните. Охрабрени од тоа, ваквиот однос почнаа да го следат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и функционери од владината коалиција. Министерот Иван Стоилковиќ пцуеше и сакаше физички да се пресмета со наши пратеници. Тоа е ароганција и презир кон граѓаните. Стоилковиќ не им се извини на граѓаните и тоа е срам за Собранието и навреда кон граѓаните – потенцира Тренчевска.
Таа додаде дека таквото однесување ја имало својата причина во нервозата кај власта од опаѓањето на рејтингот кај граѓаните за потоа да го обвини Стоилковиќ дека е „офицер за врска“ меѓу премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и тамошната владејачка партија, СНС.
– Тој е директен канал за влијанието на српскиот свет, за една голема криминална организација од Белград до Скопје, меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СНС и за влијанието на Вучиќ врз премиерот Мицкоски. Кога зборуваме за српскиот свет, ние не зборуваме за српскиот народ, туку за политички проект со кој Вучиќ сака да го прошири својата контрола и тука. Тој проект е разоткриен. Не може луѓе што величаат воени злосторници да бидат на функција. Но, кампања талог и на сеење омраза е во полн ек, а нашиот премиер е заложник на туѓи интереси – нагласи пратеничката на СДСМ, поставувајќи прашање дали ќе се извини Стоилковиќ и дали ќе поднесе оставка.
Во реакцијата на ова, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, реагираше процедурално, одговори дека тоа е пример што покажува што е талог во општеството.
– Тоа е талогот со кој се бориме и со кој ќе продолжиме да се бориме. Жалам што успеавте да го избербатите и овој институт на опозициски пратенички прашања. Колегите од другите опозициски партии тријат раце поради ваквиот ваш настап. Поставувате прашања, а министерот не е тука, тој ќе дојде и ќе одговори. Зборувате за српскиот свет и за Вучиќ, кого го шетавте на кеј и со кого пиевте вино и пеевте во Белград. Ова е истиот Иван што се обидовте да го купите за да пребега кај вас – потенцира Мицевски.
На ова реагираше Оливер Спасовски, координаторот на пратеничката група на СДСМ. Тој потенцира дека треба да запре навредувањето со зборот „талог“.
– Треба да престанете да навредувате со талогот во општеството. Како што сакате сега да делите лекции, добро би било да ѝ поделите лекција и на Владата, дека тие мора да дојдат во салата за да ве испочитуваат и вас и сите други пратеници, за да заживее институтот пратенички прашања. Пратеникот има аргументација зошто поставува одредено прашање – нагласи Спасовски.
Само за удари од кучиња, во „Македонија пат“ е пресудено за отштети од 3,5 милиони евра
Од друга страна, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, од собраниската говорница го повика Јавното обвинителство да ги разгледа ревизорскиот извештај за ЈП „Македонија пат“ и кривичната пријава што тој лично ја има потпишано за работењето на претходното раководство. Во одговорот на пратеничкото прашање на Борислав Крмов од Левица, тој рече дека тоа раководство го има заглавено претпријатието во долгови во висина од 34 милиони евра.
– Го затековме претпријатието со 34 милиони евра долг, сега е 25, за две години е намален за девет милиони евра. Крадел кој стигнал, кај стигнал. Ако литар боја за фарбање улици, која и не ја користеле, чинела Х денари, ја наплаќале 10 пати поскапо. Да не зборувам за зимското одржување. Еве овие две години се чисти снегот, претходно пари се даваа, а снегот не се чистеше. Само за удари од кучиња, јас знам дека има кучиња, ама не верувам дека сме толкави рекордери – 3,5 милиони евра се пресудени отштети. Таму има формирано една банда, една мафија на адвокати, проценители, вештаци и Бог знае како се викаат, и излегува дека до 2024 година, дури беше оној Константин Ацески директор што си ја тепаше жена си, кучиња секој ден удирале во возила. По 2024 година, некако имаат намалено кучињава да се удираат во возила – вели Николски.
Тој посочи дека постои уште една банда која работи со тубите до Судот во Стразбур.
– Сојузени се со компании на кои што им се должи и сега Стразбур почна да носи одлуки долгот да им се плати, и каматата да им се плати, и по една благодарница да им дадеме, а ако ги видите цените по кои што имаат добивано тие компании се исто така далеку над пазарните. До 2024 година ако тон асфалт бил некаде 100–110 евра, овие го фактурирале 190 евра. Јас и сега замолувам Јавното обвинителство да го разгледа ревизорскиот извештај, не мора ништо друго да работат, само да го прочитаат ревизорскиот извештај и кривичната пријава– подвлече Николоски.
Барања да се полага правосуден испит и на турски и на англиски јазик
Во однос на пратеничкото прашање за полагање на правосудниот испит на албански јазик, министерот за правда, Јетон Шасивари, рече дека не треба да се третира ова прашање како етничко или политичко, туку како правно и институционално прашање.
– Јазикот може да биде различен, критериумот треба да биде ист. Сметам дека ова треба да биде прашање на институционална и политичка зрелост. До Министерството за правда веќе пристигнале барања од пет студентски организации за можност за полагање на правосудниот испит на други јазици како турски, англиски и други. Во октомври, ќе ги повикам претставниците на студентските организации на координативен состанок за да се разговара за нивните барања и за да се изнајде институционално решение за полагање на правосудниот испит на јазиците предвидени со закон – најави Шасивари.
Пратеникот Борислав Крмов праша зошто лошо се справува државата со болеста овчи сипаници, поради која е намален бројот на овци во земјава за цели 10.000.
– Зошто се дозволи да се прошири болеста, иако сме добиле предупредувања од соседните земји за нејзиното појавување. Сега се молиме и за вакцини од Турција и од ЕУ, иако тие чинат само 212.000 евра. Последиците за некои семејства се трагични. Зошто е ниска цената за обесштетување на сточарите од само 100 денари за килограм – праша Крмов.
Одговарајќи на ова, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, рече дека Крмов не располага со вистинските информации.
– Невистините се вашите информации од луѓето што ги праќате по терени, ви даваат информации што не се такви. Невистина е дека не е преземено ништо околу овчите сипаници. Агенцијата за храна преземаше повеќе активности и мерки, но не се почитуваше тоа. Таа продолжува со активности. Ја доведувате јавноста во заблуда – потенцира Јосифовски. (Б. Ѓ.)
Ако не се градеше, ќе имаше прашање зошто не се гради
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, пак, побара партиите да не ги користат образованието и здравството за стекнување политички поени. Одговарајќи на прашање на пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ кога ќе почнат децата од училиштето „Киро Глигоров“ во скопски Центар да учат со физичко присуство и зошто во текот на летото не се правела доградбата, Јаневска рече дека сите ученици за една недела треба да почнат да учат со физичко присуство.
– Не очекував од вас ваков популизам. Децата имаат настава, да, во дел имаат онлајн настава, затоа што им се обезбедуваат подобри услови за да учат, за да постигнуваат подобри резултати. Дали треба? Треба. Ако не градевме, ќе ме прашате зошто ви учат децата во две смени. Кога градиме, велите зошто градите, децата не можеле да учат, нели секојдневно ќе учат. За една недела, сите ќе учат со физичко присуство. Проблемот е што не учат. Проблемот е што има проблем во системот и не ни учат и приоритет е ПИСА и приоритет е како да почнат да го совладуваат материјалот и како да ги научиме нашите наставници да им го пренесат знаењето – рече министерката Јаневска.












