Барал пари за договор да продолжи без проблеми, а дополнителни 10.000 евра за да влијае во жалбена постапка – случајот бил пријавен од граѓанин
Помошник-директор на Секторот за административно-технички работи во Царинската управа е уапсен под сомнение дека во повеќе наврати побарал и примил вкупно 17.500 евра за да влијае во постапки поврзани со јавни набавки, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Акцијата е реализирана вчера, по пријава од граѓанин, а осомничениот се товари за кривичните дела „Примање поткуп“ и „Примање награда за противзаконито влијание“. Случајот го координирале ОЈО ГОКК и полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР.
Според досега обезбедените докази, во периодот од април/мај до септември годинава, осомничениот, користејќи ја својата службена положба, во повеќе наврати барал и примал пари.
Од вкупно 17.500 евра, 7.500 евра биле побарани и примени во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа. Целта, според обвинителството, била договорот да продолжи да се реализира без пречки и без опасност да биде раскинат.
Но, тука не застанало. За уште една јавна набавка, која во моментот била во жалбена постапка, осомничениот побарал дополнителни 10.000 евра. Притоа, се повикал на свое наводно влијание врз натамошниот тек на постапката.
Според обвинителството, за возврат требало да влијае врз постапувањето во жалбената процедура, како и во однос на условите и техничката спецификација на набавката.
Случајот започнал по пријава од граѓанин, по што ОЈО ГОКК презело дејствија за проверка на наводите, обезбедување докази и реализација на акцијата.
Јавниот обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување притвор за осомничениот, откако било оценето дека се исполнети законските услови.
Од обвинителството посочуваат дека ова е втор случај за помалку од една седмица во кој, по пријава од граѓанин, се преземени дејствија што резултирале со реализација на случај поврзан со коруптивни кривични дела. (П.А.)












