Десетици илјади луѓе денеска се собраа на плоштадите во Приштина на „Маршот за слобода“ за да дадат поддршка на припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК), пред објавувањето на конечната пресуда од страна на Специјализираните совети во Хаг во врска со обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Пред главната бина и долж целата површина на плоштадите во Приштина беа истакнати знамиња на Косово, Албанија и на ОВК, придружени со пароли што ја величаа борбата на ОВК.
Покрај сликите на припадниците на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими – беа истакнати и транспаренти со натпис „Слободата има име“.
Елиза Хоџа, членка на платформата „Слободата има име“ и една од организаторките на „Маршот за слобода“, изјави дека денешниот марш е за оние кои се осмелиле да направат повеќе од мнозинството граѓани.
„Денес маршираме со ОВК, за ОВК, бидејќи ОВК нè обединува; нè обединуваше во минатото, нè обединува денес и ќе нè обединува засекогаш“, рече Елиза Хоџа.
Хисни Гуцати, претседател на Организацијата на воените ветерани на ОВК, изјави дека протестот не е организиран за да се бранат поединци, туку – како што нагласи – за да се одбрани вистината на еден народ кој се борел за опстанок, слобода и за државата Косово. „Не се собравме овде денес за да браниме поединец, туку за да ја одбраниме вистината на еден народ кој се борел да опстане, да биде слободен и да ја изгради нашата држава“, рече Гуцати.
Бедри Хамза, претседател на Демократската партија на Косово (ПДК), изјави дека Косово ја памети, ја почитува и ја брани жртвата на ОВК. „Денес, на овој плоштад во Приштина, не гледам само илјадници граѓани; го гледам Косово. Ги гледам луѓето што го одржаа Косово во живот во неговите најтешки денови и ги гледам семејствата што платија висока цена за слободата“, рече Хамза.
Албанскиот премиер Еди Рама упати порака за поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) на денот на „Маршот за слобода“ во Приштина.
Тој изјави дека Косово победило верувајќи во слободата кога немало ништо друго освен копнеж по неа, и дека очекува Хашим Тачи да победи на ист начин.
Во објава на Фејсбук, Рама напиша „Слобода за ослободителите“, придружувајќи го текстот со видео од четворицата поранешни лидери на ОВК. „Фарсата е во своите последни денови и од нејзините творци може да се очекува сè; сепак, како што самиот Хашим рече, никој не може да му ја одземе слободата – каде и да е. И како што Косово победи верувајќи во слободата – дури и кога немаше никого и ништо освен сопствениот копнеж по слобода – така и Хашим Тачи ќе победи преку моќта на својата вистина, која годините поминати во затвор само ја засилија, поткрепена со поддршката на целиот албански народ“, се вели во изјавата, пренесува „Бета“.











