сабота, септември 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мајка на две девојчиња со аутизам со апел до надлежните институции: Бара...

Мајка на две девојчиња со аутизам со апел до надлежните институции: Бара образовни асистенти за да не седи таа во училишната клупа со нив

4

Мајка на две девојчиња со аутизам јавно бара одговор од надлежните институции откако нејзините деца ја започнале учебната година во редовно училиште без обезбедени образовни асистенти. Мартина Младеновски вели дека веќе неколку дена мора лично да седи со своите ќерки на училиште, наместо тие да ја добијат стручната поддршка што им е потребна.

Девојчињата годинава првпат започнале да посетуваат редовно училиште, што за нив значи промена на средината, луѓето и секојдневната рутина. Но, наместо семејството да се фокусира на нивното приспособување и учење, мајката вели дека е принудена да биде со нив за време на наставата.

„Не знам веќе по кој пат треба да се обратам и на која врата да тропнам за некој конечно да го слушне ова што го зборуваме ние родителите на деца со попреченост“, вели Младеновски.

Според неа, за двете девојчиња не се обезбедени образовни асистенти, а дополнително им било кажано дека им следува само еден асистент.

„Одговорот што го добиваме е дека се чека одобрение од МОН, па потоа ООУ ‘Златан Сремец’ треба да распише конкурс и да ги ангажира асистентите. Предавање на топката исто како и секогаш“, вели таа.

Младеновски нагласува дека ги разбира административните процедури и ограничувањата на училиштето, но посочува дека нивното времетраење директно се одразува врз децата.

„Децата не можат да чекаат администрацијата да си ја заврши работата“, вели таа.

За децата со попреченост, додава мајката, промената на рутината и постојаното менување на лицата кои им даваат поддршка може дополнително да го отежнат приспособувањето.

„На овие деца им треба сигурност, позната личност, доверба и континуитет. Не може денес еден човек, утре друг, задутре трет и да очекуваме детето само да се приспособи“, посочува Младеновски.

ИЗДВОЕНИ