Сонцето печеше, нозете не болеа, часовите се нижеа еден по друг, а километарската колона немаше крај – илјадници луѓе од Македонија, Црна Гора, Романија, Србија и од сите краишта на Балканот стрпливо чекаа пред храмот „Свети Сава“ во Белград, некои и по дванаесет часа, за само во неколку секунди пред чесниот појас на Пресвета Богородица да ја кажат својата најголема молитва, да побараат здравје за најмилите, утеха за напатените и сила за утрешниот ден, меѓу нив и мајки што не бараа ништо за себе, туку само Бог да им ги чува и оздрави децата

На 13 септември, православните верници го одбележуваат празникот Полагање на појасот на Пресвета Богородица, ден посветен на една од најголемите и најпочитувани светињи во христијанскиот свет, чесниот појас на Мајката Божја. Според црковното предание, тоа е појасот што го сплела самата Пресвета Богородица од камилски влакна и го носела во текот на својот земен живот. Со него била и во времето кога под своето мајчинско срце го носела Царот Небесен.
Можеби токму затоа и не е чудно што пристигнувањето на појасот од светогорскиот манастир Ватопед на 20 мај годинава, во Белград, Србија, предизвика невиден интерес и внимание. Тоа беше голем духовен настан што се случува навистина ретко. Со одлука на манастирскиот собор на Ватопед, појасот на Пресвета Богородица ретко ја напушта Света Гора поради строгите светогорски правила. Многу ретко излегува од манастирските ѕидини, односно од Грција, патувајќи по посебно одобрени молби од црковните и од државните власти. Нема утврдено правило и секое изнесување од Света Гора претставува историски настан. Па така, за разлика од нашите мајки и баби, ние, нивните ќерки и внуки, имавме можност да го целиваме појасот.
Појасот на Пресвета Богородица беше изложен во најголемиот православен храм на Балканот и втор во светот, „Свети Сава“. Народот како да почувствува дека не смее да ја пропушти таа можност. Не се гледаше кој е кој. Не се гледаше кој од каде е, колку години има, дали е млад или стар. Луѓето тргнаа. Од Србија, од Црна Гора, од Романија, од Македонија… Од сите страни. Тргнаа кон Белград со една иста желба: поклонувајќи се пред чесниот појас, да ѝ изразат почит на Мајката Божја и да ѝ се помолат. Првично беше планирано чесниот појас да остане до 29 мај, но интересот беше толку голем што беше продолжен престојот до 1 јуни, а потоа и до 5 јуни. Минуваа денови и ноќи, а народот не престануваше да доаѓа. Колони долги километри. Чекање со часови. Некои чекаа два часа, други пет, десет, дванаесет… И никој не се откажуваше.
И ние, екипа од весникот ВЕЧЕР, бевме меѓу нив. Додека поголемиот дел од луѓето уште спиеја и додека зората само што почнуваше да го бои небото, Белград одамна беше разбуден. Но, не од сообраќајот, не од вревата на големиот град, туку од тивкиот чекор на илјадници луѓе. Чекоревме петнаесетина минути, сè додека, конечно, не го здогледавме крајот на колоната, чиј крај, кога тргнавме, не можевме ни да го насетиме.
И во таа река народ – секој со својата мака, со својата надеж и со својата молитва. Имаше тинејџери. Искрено, човек би помислил дека во тие рани утрински часови младите ќе спијат. Но, не. Беа станати и тие. Стоеја мирно и достоинствено, чекајќи да дојдат до појасот. Имаше студенти, кои знаеја дека потоа ги чекаат часови на факултетите, но прво сакаа да се поклонат. Имаше баби од внатрешноста на Србија, со бастунот в раце, облечени во бело, како за на празник. И токму тие баби, без да кажат многу, ни објаснија нешто едноставно, а големо: дека средбата со Мајката Божја е празник и дека на празник човек треба да дојде убаво облечен, со почит и со чисто срце.
– Ние не дојдовме само да видиме нешто. Дојдовме да ѝ се поклониме на Мајката Божја. За што друго би чекале толку часови, ако не за надеж? – како да ни зборуваше секој човек околу нас.
И навистина, во таа колона немаше поделби. Немаше ни национални, ни верски, ни старосни граници. Сите бевме едно. Еден народ пред една Мајка. Имаше луѓе од градови и од села, од блиску и од далеку. Еден беше дојден за здравје, друг за своето дете, трет за сопругот или за сопругата, четврти за родителите. Некој, можеби, само со една единствена желба: Бог да му даде сила да продолжи.
А на молитвите им немаше крај: за здравје, за мир, за децата, за родителите… За оние што немаат работа, за оние што немаат дом, за гладните да имаат што да јадат, жедните што да пијат, босите што да облечат. За оние што со години чекаат рожба, да станат родители, за болните да оздрават, оние што се загубиле по патот, да го најдат повторно својот мир. Секој си ја носеше својата молитва во себе.
И тогаш ја видовме неа. Мајка, веќе во години, која стоеше на сонцето и чекаше. Не се жалеше, не се бунеше. Не зборуваше дека ја болат нозете. Само чекаше. Чекаше за да стигне до појасот и да ѝ се помоли на Богомајката за својот болен син. Ех… мајка! Има ли поголема молитва од мајчината?
– Само за него сум дојдена. Јас не барам ништо за себе. Само тој да ми оздрави – ни кажа тивко.
И во тие неколку збора како да беше кажано сè.
Колоната полека се движеше. Чекор по чекор. Никој не брзаше, а, сепак, сите знаевме дека одиме кон нешто што сме го чекале цел живот. На моменти човек забораваше колку време поминало. Два часа? Пет? Десет? Дванаесет? Не беше важно. Зашто во тој ред, во тие недогледни колони, времето како да престануваше да важи. Немаше часовник, немаше нервоза, немаше карање, немаше откажување. Имаше само трпение и радост.

Имаше некоја чудна леснотија во нозете и покрај тоа што долго стоевме. Имаше мир во мислите. А најмногу од сè, се имаше чувство дека сите околу тебе ти се блиски. Како да не стоиш меѓу илјадници непознати луѓе, туку меѓу свои.
И потоа дојде тој миг. Само неколку секунди. Поминавме пред чесниот појас, се прекрстивме, се поклонивме и продолживме. Пет секунди. Толку. А за тие пет секунди чекавме дванаесет часа. Некому, можеби, ќе му звучи чудно. Како пет секунди да вредат дванаесет часа? Но, оној што стоеше во колоната верувам дека не ги броеше часовите и знаеше зошто е таму.
Во тој миг од вечноста, времето запира. Не постојат часови, не постои умор, не постои ништо друго, освен молитва. Секој во тие неколку секунди си го кажуваше своето. Некој гласно, некој тивко, а некој само во себе. И, можеби, токму затоа сите што излегуваа од храмот имаа насмевка на лицето и радост во душата.
По поклонението, верниците добиваа мала лента осветена на чесниот појас. Малечка, обична на прв поглед, но за оние што ја носат – бесценета. Некои ја носат со себе, други ја врзуваат околу половината, трети околу болното место.
А, чудата на Мајката Божја се насекаде на Земјината топка и се непресушни. Така, чесниот појас и денес продолжува да им помага на луѓето. Се верува дека им помага на оние што имаат некаква потреба, мака, особено на оние што немаат рожба. И во денешно време има многу сведоштва на жени што станале мајки откако, придружено со молитва, ја носеле осветената лента на својот стомак.
Се верува дека преку искрената молитва, покајанието и верата ќе дојде и Божјата помош. Зашто верата не е нешто што се гледа. Таа се носи во срцето. Па така, многу домови не само во Србија туку и на Балканот имаат особена благодат преку овие лентички.
А приказната за чесниот појас оди многу, многу векови наназад. Според црковното предание, апостолот Тома не бил присутен кога се упокоила Пресвета Богородица, бидејќи во тоа време бил во Индија. Дошол на третиот ден и побарал да се поклони пред телото на Светата и Пречиста. Кога го отвориле апостолите гробот, таму го нашле само погребното платно и почувствувале прекрасен мирис. Телото го немало. Истата вечер, според преданието, Пресвета Богородица им се јавила на апостолите, опкружена со ангели, и им рекла: „Радувајте се, зашто ќе бидам со вас засекогаш“.
Како утеха и како сведоштво за своето вознесение, таа му го предала својот појас на апостолот Тома. Тој потоа им го покажал на другите ученици.
И така почнало долгото патување на оваа светиња. Во првите векови од христијанството, појасот бил чуван во Ерусалим, а во 4 век бил пренесен во Кападокија. Подоцна повторно се вратил во Ерусалим, а оттаму стигнал во Константинопол, каде што бил до 12 век. Низ вековите, појасот патувал од едни во други раце и места, сè додека, конечно, не стигнал во Ватопед, на Света Гора. Оттогаш оваа светиња се чува во олтарот во Соборниот храм на овој манастир на Света Гора.
Појасот е поделен на три дела. Најголемиот се чува во Ватопед, а другите два дела се наоѓаат во сирискиот град Хомс и во Грузија. Во 12 век, во текот на владеењето на византискиот цар Мануил Први Комнин, официјално бил востановен празникот посветен на чесниот појас, кој претходно се славел заедно со празникот Покров на Пресвета Богородица.
Причината е едно од најпознатите преданија за чудата поврзани со оваа светиња. Царицата Зоја, сопруга на царот Лав Шести Мудриот, тешко се разболела. Лекарите не знаеле што да прават. Не наоѓале лек. Болеста не попуштала. Тогаш царицата, според преданието, имала видение дека ќе оздрави ако врз неа биде ставен Богородичниот појас. Со дозвола на патријархот, бил отворен ковчегот. Појасот бил таму, зачуван како кога бил положен. Времето не го уништило. Кога го ставиле врз царицата, таа веднаш оздравела. Во знак на благодарност, царицата Зоја го извезла појасот со златен конец и токму така, според преданието, го добил изгледот по кој е препознатлив денес. Потоа повторно бил ставен во ковчегот и запечатен.
Низ вековите, особено во текот на турското владеење, монасите од Ватопед го носеле чесниот појас меѓу народот – на Крит, Тракија, Константинопол и во Мала Азија.

И со него се поврзани многу преданија за исцеленија и чудеса. Едно од нив раскажува дека монасите од Ватопед престојувале во домот на свештеник во Аин. Жената на свештеникот тајно зела дел од чесниот појас. Кога се качиле монасите на бродот, морето било мирно, но бродот никако не можел да исплови. Сфаќајќи дека нешто не е во ред, монасите дознале што се случило. Жената го вратила делот од Чесниот појас и тогаш, според преданието, бродот веднаш испловил. Подоцна била направена мала кутија во која се чувал дел од појасот што се обидела таа да го задржи.
Во 1821 година, во текот на револуцијата, жителите на Крит побарале монасите да го донесат чесниот појас, верувајќи дека ќе му помогне на напатениот народ. Монасите го однеле, но кога дошло време да се вратат, биле уапсени од Турците и осудени на смрт. Тогаш англискиот конзул Доменико Сантони го откупил појасот и го однел во својата куќа на Санторини. Кога дознал народот каде се наоѓа светињата, почнал да собира пари за да ја врати. Иако бил сиромашен и напатен, народот успеал да ја собере сумата и појасот повторно бил вратен во Ватопед.
И тука преданието повторно зборува за едно необично случување, слично на она во Аин. Жената на конзулот тајно исекла дел од чесниот појас, по што конзулот ненадејно умрел, а нејзините мајка и сестра тешко се разболеле. Кога видела што ѝ се случува во фамилијата, во 1839 година таа ги повикала од манастирот да испратат претставник што ќе го преземе делот од светињата што останал кај неа.
Во 1864 година, чесниот појас бил пренесен во Константинопол, денешен Истанбул, поради страшната епидемија на колера што го косела населението. Преданието вели дека кога се приближил бродот со светињата до пристаништето, епидемијата престанала да се шири, а заразените почнале да оздравуваат. Толку голем бил одекот на настанот што и султанот посакал да се поклони и да го целива чесниот појас.
А, потоа се случило уште едно чудо, според преданието. Еден Грк од Галата побарал да биде донесена светињата во неговиот дом, бидејќи неговиот син бил тешко болен. Кога пристигнал појасот, момчето веќе било мртво. Но, свештениците не се откажале. Не дозволиле очајот да биде последниот збор. Побарале да го видат момчето и го ставиле чесниот појас врз него. Според преданието, момчето оживеало.
И така, приказните продолжуваат да се пренесуваат од поколение на поколение. Во 1894 година, жителите на Мадито во Мала Азија побарале да биде донесен чесниот појас кај нив поради голема наезда на скакулци. Шумите и полињата биле уништени, а народот бил во очај. Кога пристигнал бродот со светињата во пристаништето, небото било црно од скакулци. Облакот бил толку густ што бродот едвај успеал да се закотви. Но, тогаш, според преданието, скакулците почнале да паѓаат во морето. А народот, гледајќи го тоа, одушевено запеал: „Господи, помилуј!“
Да споменеме дека, покрај во Белград, на молба од Руската православна црква, во 2011 година тој бил во Санкт Петербург, Москва и во други руски градови, при што над три милиони верници се поклониле пред него. Иако било ноември, студот не ги поколебал луѓето да дојдат и да му се поклонат. Исто така, повеќепати бил носен во одделни епархии во Грција и на Кипар за утеха и за исцелување на верниот народ. Сето ова само покажува колку многу се почитува оваа реликвија во христијанскиот свет.
(Ж. З.)












