Пандорче АНТЕСКА
„Дурмо турс“ продолжува да „вози“ низ судските инстанци откако Врховниот суд донесе одлука да го укине решението на второстепениот суд со кое на обвинетите им беа зголемени затворските казни. Предметот сега се враќа на повторно одлучување, а осудените за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 луѓе излегуваат од затвор.
Врховниот суд, на седницата одржана на 9 септември 2026 година, одлучувал по предметот познат во јавноста како случајот „Ласкарци“. Со донесената пресуда, Врховниот суд ги уважил барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесени од осудените преку нивните бранители.
„Притоа, пресудата на Апелациониот суд Скопје од 17 април 2025 година е укината, а предметот е вратен на повторно постапување и одлучување“, стои во соопштението на највисокиот суд. Одлуката ја донел Советот за казниви дела во состав Африм Фидани – претседател, Џемали Саити – известител на предметот, Сафет Кадрии, Цветанка Периќ и Мирјана Лазарова-Трајковска.
Судијата од Врховниот суд, Сафет Кадрии, за весникот ВЕЧЕР вели дека за една недела ќе ја објаснат одлуката од кои причини е укинато решението за осудените и ќе објават на нивната интернет-страница.
’Ласкарци’ се враќа во фаза на жалбена постапка во Апелациониот суд“, кусо одговори Кадрии.
В.д претседателот на скопска Апелација, Зоран Герасимовски, вели дека физички одлуката на Врховниот суд не е пристигната во писарница и не знае дали се враќа кај нив или во прв степен. Портпаролката на судот, судијката Габриела Гајдова, на прашањето на ВЕЧЕР дали со ваквата одлука на Врховниот суд осудените ќе излезат од затвор, ни одговори дека со укинувањето на второстепената пресуда таа веќе не е правосилна и извршна.
„Согласно со закон, со укинување на второстепена пресуда, таа веќе не е правосилна и извршна, а се издржува само правосилна и извршна пресуда со која е изречена казна затвор, што значи дека извршувањето во конкретниот случај ќе се запре“, вели судијата Гајдова. Тоа значи дека осудените веќе немаат правна основа да продолжат со издржување на затворските казни врз основа на укинатата пресуда, додека предметот повторно ќе се разгледува пред надлежниот суд.
Несреќата се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на компанијата „Дурмо турс“ со 55 патници, возејќи на редовна линија од Скопје кон Гостивар, излета од автопатот во близина на селото Ласкараци, при што загинаа 16 патници, а 37 беа повредени. По долгото и макотрпно судење, пет години по несреќата, во јануари 2024 година беше донесена пресуда против шестемина обвинети. Највисока казна од 14 години затвор Судот му изрече на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, 4 години затвор на Дурмиш Белули – сопственик и управител на фирмата превозник „Дурмо турс“, а на Ремзи Мифтари, одговорен за транспорт во фирмата, му беше одредена казна од 6 години затвор. Овој, последниот, откако неколкупати одложуваше да оди во затвор поради операција, на крајот избега и по него е распишана меѓународна потерница. Првите тројца се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите за соучество во истото дело. На другите тројца обвинети, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Бобаровски, вработени и раководни лица во станицата за технички преглед, Судот им изрече казна од 5 години затвор.
Апелациониот суд Скопје, со пресудата од април 2025 година, ги зголеми казните за дел од обвинетите. На Белули, казната му беше зголемена од четири на 10 години затвор, додека на Мифтари, од шест на 10 години затвор. На Ѓорѓиевски и на Дуковски, казните им беа зголемени од по пет на седум години затвор. За Боваровски остана казната од пет години, а за возачот Трифуновски казната од 14 години затвор. Токму оваа пресуда на Апелациониот суд е сега укината од Врховниот суд, што за семејствата на загинатите значи нова епизода од серијата правда за жртвите.
И Стевчо излегува од Шутка
Уште една одлука од јавен интерес „паднала“ во средата, на седница во Врховниот суд, со која и поранешниот градоначалник на Општина Карпош излегува од затворот Шутка.
– Советот за казниви дела при Врховниот суд на седницата го уважи барањето на осудениот Стевчо Јакимовски од Скопје, за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено преку бранителот Виктор Цветковски, ги укина пресудата на Основен кривичен суд Скопје и пресудата на Апелационен суд Скопје и предметот го врати на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување, соопштија од Врховниот суд.
Предметот сега повторно се враќа пред Кривичниот суд, кој ќе треба одново да постапува и да одлучува. На Јакимовски ќе му суди друг судија бидејќи таа што му пресуди, судијката Даниела Димовска, стана претседателка на судот.
Јакимовски беше осуден на една година затвор за бесправно градење во предмет поврзан со изградбата на општинската зграда во Карпош, откако Апелациониот суд ја потврди пресудата за тоа, додека обвинението за злоупотреба на службената положба го врати на повторно судење.
Мицкоски: Понекогаш имам и чувство дека се бориме со ветерници, вие затворате тие ги пуштаат на слобода
Одлуките на Врховниот суд за „Ласкарци“ и за поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, предизвикаа остри реакции во јавноста и повторно го отворија прашањето за независноста на судството, одговорноста на судиите и начинот на кој се водат предметите од висок јавен интерес. Додека власта во одлуките гледа уште еден пример за нефункционалност и остатоци од влијанијата на поранешната власт во правосудството, опозицијата возвраќа дека токму актуелната власт ги контролира институциите и кадрите во Обвинителството и судството.
Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја одлуката за „Ласкарци“, оцени дека станува збор за „рецидиви, остатоци, мал дел од претходната влада на СДСМ и ДУИ“ и за, како што рече, „последниот ресурс за заштита на таа влада и на луѓето коишто беа дел од таа влада“.
– Гледате дека се борат, ги амнестираат, така се случи со модуларната болница, така и сега со „Ласкарци“. Имаме десетици жртви, имаме многу луѓе кои имаат траен инвалидитет, но за жал, тоа не е доволна причина овие малкумина судии и обвинители да застанат на страната на правдата. Сепак, тие остануваат да бидат верни слуги на тие што ги поставиле во минатото и тоа е уште едно разочарување, не само за мене, туку генерално и за граѓаните. За жал, овие малкумина судии ги контаминираат сите оние чесни судии и обвинители што се во нашиот правосуден систем. Но, добро е кога разговарам со моите колеги од Европската Унија, еве да ги гледаат овие примери и да видат кога зборуваме за правосудството со кого имаме работа и со кого ние, во суштината, имаме предизвик да се бориме. Понекогаш имам и чувство дека се бориме со ветерници, како сето ова да е донкихотовска битка. Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода, луѓе за кои постои основано сомнение, односно правосилна судска пресуда и како последица на нивното работење имаме повеќе десетици мртви, како ништо да не било. Тоа не значи ништо за нив бидејќи од тој што ги назначил, нивниот стопан и нивниот газда добиле таква наредба. Тоа е едно големо разочарување. Но, тука не се откажуваме, нема да отстапиме, ќе продолжиме да се бориме. На крајот, мора правдата да победи и ќе победи, рече Мицкоски.
Опозицискиот СДСМ оценува дека Мицкоски повторно ја „врти плочата“ и одлуката на Врховниот суд ја користи за обвинување на СДСМ, иако актуелната власт е повеќе од две години на власт.
„Класична проекција на арамијата Мицкоски и ВМРО-ОКГ“, се наведува во реакцијата, во која опозицијата ја обвинува власта дека ги презела полицијата, АНБ, обвинителствата и судовите. Во реакцијата се поставува прашањето како може Мицкоски за одлуките на правосудството да ја обвинува претходната власт кога, како што тврдат од СДСМ, актуелната власт ги именува кадрите во институциите.
„Вие ја презедовте полицијата. Вие ја презедовте АНБ. Вие ги презедовте обвинителствата. Вие ги презедовте судовите. Вие ги именувате кадрите“, стои во реакцијата на партијата.
Од Левица обвинија дека и ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се неспособни да испорачаат навремена и несоборлива одговорност за случаите кои ја потресуваат јавноста. Според нив, случајот „Ласкарци“ е само еден од низата предмети во кои правдата доцни или изостанува, заедно со „Талир 2“, случајот со модуларната болница во Тетово и трагедијата во „Пулс“.
„Секој од овие предмети има различна правна природа, но политичкиот заклучок е заеднички и поразителен – дека државата е извонредно ефикасна во производство на соопштенија и спектакуларни најави, а хронично неспособна кога треба да испорача навремена, стабилна и несоборлива одговорност“, порачаа од Левица. Оттаму велат дека лицемерно звучат партиските ветувања на ДПМНЕ и СДСМ дека токму тие ќе го реформираат правосудството. „Три децении овие две политички структури ги менуваа министрите, законите, кадровските решенија, судските совети и реформските стратегии“, посочуваат од Левица, додавајќи дека резултатот е сè подлабоко чувство на неказнивост.
Кон партиските реакции се приклучија и од Вреди: Случајот „Ласкарци“ е симбол на неуспехот на судството.
„Седум години по трагедијата кај Ласкарци, семејствата на 16-те жртви сè уште ја чекаат правдата. Укинувањето на пресудата на Апелациониот суд и враќањето на предметот на повторно судење отвораат простор за ново одолговлекување на процесот“, соопштуваат од партијата.
Што е фер судење!?
Укинувањето пресуди и нивното враќање на повторно одлучување не е ново во правосудството. Но, во состојба кога има недостиг на судии, борба за повисок платен коефициент и блокирана генерација на Академијата за судии и јавни обвинители, враќањето на пресудите, според дел од правниците, е сериозен тест и аларм за правниот систем.
Поранешниот судија Владимир Туфегџиќ оцени дека укинатите пресуди за „Ласкарци“ и Стевчо Јакимовски отвораат дилема дали пониските судови сè почесто се впуштаат во „правен егзибиционизам“ со своите одлуки, ставајќи се во улога на сервис на Јавното обвинителство и импровизирајќи со доказите за да се донесе осудителна пресуда по секоја цена. Туфегџиќ укажува и на тоа дека дел од одлуките од предмети од јавен интерес сè уште не се напишани и објавени, поради што јавноста нема можност да ја види правната логика зад нив.
Професорот Гордан Калајџиев, пак, по случувањата порача: – Ова стана сериозно! Во државава нема право на фер судење!
Савески: Судовите не работат под притисок
Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески, кој пред актуелната функција долго судеше во Кривичниот суд, ги отфрли оценките дека судовите работат под притисок или во служба на Јавното обвинителство.
– Не можам да прифатам, а апсолутно сметам дека е погрешен впечатокот дека судовите ги носат одлуките под притисок, под влијание или во служба на јавното обвинителство. Пресудите се носат во името на граѓаните на Македонија, врз основа на примена на законите и доказите што се содржани во тие предмети – изјави Савески. Во однос на тоа дали проблемот во „Ласкарци“ и во предметот против Јакимовски е во обвиненијата, Савески посочи дека Врховниот суд не ги оценувал обвинителните акти, туку одлуките донесени од пониските судови.
– Одлуките на повисоките судови се во врска со одлуките на пониските судови. Врховниот суд не ги ценел обвиненијата, туку одлуките на второстепениот и првостепениот суд – рече државниот обвинител.













