Административни, но и технички пречки биле причината што патот Сопиште – Средно Водно – Центар, познат како пат до Сончев Град, сè уште не е пуштен во употреба, односно е затворен веќе 13 години. Од ЈПДП велат дека е во тек санацијата на појавените оштетувања на патот Р2138 – врска со Р2134 Сончев Град.
– Предвидено е на дел од косините на карпите да се постават дополнителни обложни мрежи за спречување одрони на патот. Во моментов, во тек е евалуација на понудите за сообраќајна сигнализација и опрема, за што беше изготвен проект заради усогласување со европските стандарди, како и поставување еластична одбојна ограда, со примена на EN 1317 стандардот – одговорија од ЈПДП, потенцирајќи дека кога ќе се заврши сето тоа, патот ќе биде пуштен во употреба, без да прецизираат точно кога ќе се случи тоа. Што се однесува до патот за Теферич, од Министерството за транспорт образложуваат дека е спроведена јавна набавка за санација и реконструкција на овој патен правец и оти во овој момент тече жалбената постапка, по што се очекува склучување договор за извршување на градежните работи

Административни, но и технички пречки биле причината што патот Сопиште – Средно Водно – Центар, познат како пат до Сончев Град, сè уште не е пуштен во употреба, односно е затворен веќе 13 години.
Граѓаните реагираат и велат дека мора да се пушти тој.
– Патот Сопиште – Средно Водно – Центар почна да се гради во 2013 година, градежните работи завршија во 2016 година, денес е 2026 година. Поминаа 13 години од почетокот на проектот, 10 години откако е физички изграден патот, а граѓаните сè уште не може нормално да го користат. Патот е долг четири километри, од 2016 година се правеле измени на проектите, се менувала документацијата, се чекале дозволи, се воделе постапки. Сето тоа, можеби, има некакво техничко и административно објаснување – вели скопјанец.
Тој се прашува како е можно да е граден патот со години, а да не може да се користи.
Скопјанка, пак, предупредува дека делот на патот од Сопиште до приклучокот под Средно Водно кај месноста позната како Лути Дол е силно свлечиште.
– Според мои сознанија, не може да се стабилизира доволно за да добие патот употребна дозвола. Кога почна да се прави, во 2013 година, за неговата изградба беше исечена шума, која била садена таму пред 60 години за да го стабилизира земјиштето на тој дел од Водно, кој е склон на лизгање и претставува опасност за градот. Проблем е што е избрано да се гради траса што се чинела економски најисплатлива и не биле земени предвид овие проблеми. А, никој денес не ги повикува на одговорност оние што дале зелено светло за негова изградба, бидејќи ние сме земја во која не постои одговорност. Евентуално, ако украдеш ќебапчиња – вели таа.
Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) велат дека е во тек санација на појавените оштетувања на патот Р2138 – врска со Р2134 Сончев Град.
– Исто така, одроните што се појавуваат тековно се отстрануваат и патот редовно се чисти. Предвидено е на дел од косините на карпите да се постават дополнителни обложни мрежи за спречување одрони на патот. Во моментов, во тек е евалуација на понудите за сообраќајна сигнализација и опрема, за што беше изготвен проект заради усогласување со европските стандарди, како и поставување еластична одбојна ограда, со примена на стандардот EN 1317 – одговорија од ЈПДП.
Притоа, додаваат дека се преземаат овие активности со цел зголемување на безбедноста на патот, како и подобрување на квалитетот на изградба, со што ќе се зголеми и безбедноста на учесниците во сообраќајот.
– По завршувањето на горенаведените работи и на градежните активности за санација на патот, тој ќе биде пуштен во употреба – велат од претпријатието, без да прецизираат кога точно ќе се случи тоа.
Градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, информираше дека иако надлежно за неговото пуштање во употреба и поправка е ЈПДП, тие се во постојан контакт со нив и, според последните информации, причина што не е во функција тој биле административни пречки, кои, како што вели, биле надминати, но и технички пречки во делот на коловозот, кои делумно се отстранети.
– Потребно е и да се монтира дополнителна заштитна ограда покрај патот. Во моментов, ЈПДП спроведува јавна набавка. Се надевам дека ќе биде избран изведувач на градежните активности, кој ќе ја заврши целата работа – наведе Мицевски.
Тој нагласи дека, како Општина, не се надлежни за овој пат, но, како негови крајни корисници, се најзасегнати и најмногу настојуваат да биде пуштен во употреба.
Патот до Сончев Град, за кој се сечеше дел од шумата на Водно, се проби за да се гради елитна населба во овој дел од градот. Но, градежните работи за новата населба никогаш не почнаа.
И додека патот за Сончев Град со години е нефункционален, патот за Теферич, исто така, е затворен поради оштетувања и проблеми со трасата.
– Сите возила од Сопиште, Сончев Град и од околината се туркаат низ истата сообраќајна мрежа, а резултатот е сообраќаен колапс. Во шпицот, патувањето што по нормална логика треба да биде кратка градска релација, може да се претвори во 50 минути, 60 минути и повеќе. Од Припор до Центар, во ист град, во главниот град на државата. Еден час во автомобил за да стигнете од Припор до Центар во утринскиот шпиц не може да биде нормален сообраќај, туку системски проблем. (Да не зборуваме за „Сејф сити драјверз“, кои возат со 15 км/ч, мислејќи дека ќе бидат наградени од системот со ваучер од 100 МКД за следната казна). Ако главниот проблем се оштетувањата предизвикани од тешките товарни возила, тогаш решението не мора да биде ракетна наука, доволно е забрана за камиони. Нека биде наменет патот за патнички автомобили и за лесни возила. Поставете ограничување, или сообраќајна сигнализација, или барем контролирајте го сообраќајот и не дозволувајте тешки камиони повторно да ја уништат трасата – предлага засегнат граѓанин.
Тој прашува што е поважно, да дозволиме неколку камиони да го користат патот и повторно да го оштетат или да обезбедиме илјадници граѓани да имаат функционална алтернативна врска кон центарот на Скопје.
Поради комплексноста на поправките, како што објасни и самиот вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, реконструкцијата на овој пат, поради комплексноста на работите и недоволниот капацитет Град Скопје и Општина Кисела Вода да се справат со надминување на проблемот, му е предадена на Министерството.
Оттаму велат дека е спроведена јавна набавка за санација и реконструкција на овој патен правец.
– Донесена е одлука за избор за изведувач и за избор на надзор и во овој момент тече жалбената постапка, по што се очекува склучување договор за извршување на градежните работи – кусо одговорија од Министерството за транспорт, без да прецизираат кога ќе почнат градежните активности на терен.
(А. П.)












